Toni Avramov
01 Април 2017•Ажурирај: 02 Април 2017
ГЕВГЕЛИЈА (АА) - Тони Аврамов - Гевгелиската чаршија се гордее со архитектурата изградена во текот на XIX век во Гевгелија. Најјужниот град во Република Македонија е синоним за вистинска ризница од стари градби кои потекнуваат од крајот на деветнаесеттиот век.
Оние што се нарекуваат „асал гевгеличани“ знаат дека времињата донеле многу промени во животот, навиките и во живеалиштата, но сепак една улица останала иста, улицата и денес позната под името „Од станица до граница“.
Оваа улица ги чува најубавите архитектонски градби: зградата на денешната железничка станица, старата чаршија, Андреевиот и Канговиот конак, хотелот „Отоман“, сите со оригинална и специфична орнаментика.
Меѓутоа, сè уште, и по век и половина од постоењето на градот, најпрекрасното здание во Гевгелија е зградата во којашто денес е сместена градската библиотека, некогашната куќа на некој богат Турчин.
Според Регистарот на културното наследство при Управата за заштита на културното наследство на Р. Македонија, заклучно со 30 септември 2014 година, зградата е прогласена за споменик на културата. Во 2008 година беше реновирана внатрешноста на зградата, а во 2013 година е извршена целосна реставрација на надворешниот дел.

Дамјан Ѓуров, директор на библиотеката „Гоце Делчев“ – Гевгелија, инаку историчар на уметноста во изјава за АА вели дека според кажувањата на стар гевгеличанец Ванчо Карајанов, оваа зграда датира некаде од 1911 година, но последните истражувања коишто се направени за потребите на новата монографија за Гевгелија, велат дека зградата е изградена осум, девет години пред почетокот на дваесеттиот век, од некој Турчин, кој планирал долниот дел од зградата да функционира како банка, а горниот кат да биде за домување, за неговото семејство.
„Може да се каже дека архитектурата е со многу богати орнаменти, од кои се препознава еден цвет од афион, којшто во тој период доминирал на овие простори“, вели Ѓуров.
Зградата е од особено значење за Гевгелија, затоа што таа низ годините станува препознатлив декор, но и „бренд“ со кој се гордее градот. Ја граделе мајстори од Дебар, кои не биле случајно избрани, тие биле надалеку познати по својата работа, а се претпоставува дека ваква слична куќа имаат изградено и во Солун.
Носечкиот столб, кој се наоѓа на долниот кат, е потпирач на меѓукатната конструкција и е лиен специјално за оваа намена во Солун. „Кога денес влегуваме во зградата, тоа е како враќање на спомените од минатото“, ќе ви кажат гевгеличани.
Зградата ги преживеала сите премрежија, па и покрај сè, таа е убавица што го краси градот. Со неа пулсира гевгелиската чаршија дишејќи во ритамот на новото време.