Admir Fazlagic
29 Април 2017•Ажурирај: 29 Април 2017
СКОПЈЕ (АА) - Познато е дека децата живеат во свој свет обоен со бојата на детската имагинација. Инспирирани од својата замисла за светот и се она што го сочинува, децата се обидуваат на различни начини да ги остваруваат своите идеи и сништата да им станат реалност, пишува Anadolu Agency (AA).
Веројатно, еден од најдобрите начини за остварување на спомнатото се макетите од различните предмети коишто ги прават најмладите генераци. За нив правењето различни макети претставува своевиден нивен приказ за она што го доживуваат а сакаат да го претстават преку нивните креации во различни области, па и во областа на градежништвото и архитектурата.
Токму една таква можност за претстаување на нивните креативни вештини беше денешниот републички натпревар за млади иноватори во повеќе дисциплини кој се одржа во Прилеп во организација на Сојуз за здруженија за техничка култура на Република Македонија - Народна техника.
Дарија Дамевска-Идриз, ученик во седмо одделение во основното училиште „Јохан Хајнрих - Песталоци" од Скопје, учествуваше на денешниот републички натпревар и доби златен медал, освојувајќи ја првата награда во категоријата градежништво и архитектура.

Во изјава за АА, ученичката Дарија го искажа своето задоволство за добиената награда. Таа рече дека на натпреварот учесвувале многу ученици кои ја претставиле својата креативност, како и дека нејзината макета- куќа, која таа ја направила ја освоила првата награда на овој натпревар на републичко ниво.
Една од учесничките на републичкиот натпревар учествуваше и ученичката Сара Јагликова, исто така ученичка во седмо одделение во основното училиште „Јохан Хајнрих - Песталоци" од Скопје, која со право на учество на републичко ниво се стекнала откако претходно освоила награда на регионалниот натпревар.
Постигнатиот успех на младите креативци ќе биде само мотив повеќе да работат и да ги усовршуваат нивните креативни вештини и способности.
Народна техника е една од најстарите организации во Македонија, основана во 1946 година. Во изминатите седум децении организирала активности за поттикнување на творештвото, креативноста и ангажманот на младите и возрасни лица во областа на техничките дисциплини, за што се организирани голем број школи за техничка култура, обуки, натпревари, изложби, демонстрации, смотри, курсеви и предавања.