БАНОВИЌИ (АА) - АЛДИЈАНА ХАЏИЌ -
Трендот на претставувањето на етноселата во Босна и Херцеговина е во постојан пораст, но етноселото „Mачковац“, недалеку од Бановиќи, североисточна Босна и Херцеговина, е еден вид музеј под отворено небо.
На самиот влез истакнат е знак со кој јасно се порачува дека стресот и грижите тука се забранети. И, навистина, ова село дише со традицијата, и на секој чекор може да се видат босанскохерцеговските мотиви.
- Патување низ времето
Екипата на Anadolu Agency (AA) при минувањето низ Алејата имаше впечаток дека се наоѓа во временска капсула и дека времето застанало. Со продолжување на прошетката и поминувањето покрај Бунарот на желбите, стигнавме до Занаетчиската улица, каде што се сместени работилниците. Токму во овие работилници, туристите можат да купат различни производи, од висококвалитетни сапуни и креми, волнени производи, дрвени предмети и слично, и од персоналот да добијат информации за старите занаети, а меѓу нив е и занаетот за изработка на чибуци.

Токму ваквиот концепт на етноселото, кое покрај 15-те занаетчиски работилници, се состои и од музеј, угостителски објект, воденица и од Беговата соба, придонесе кон тоа над половина милион луѓе да го посетат ова историско-културно наследство во изминатите неколку години.
Етноселото е создадено како резултат на идеите на сопственикот Рефик Халиловиќ, кој секогаш се обидува да ги слуша потребите на гостите и да им понуди врвна услуга.
Во етноселото изложени се и неколку збирки на разни предмети од колекционерот Фикрет Ибришимовиќ. Тој објасни дека, меѓу другото, се изложени и џебни часовници кои потекнуваат од периодот на Османлиското Царство до Втората светска војна. Збирката содржи различни марки часовници кои се исправни.
Изложени се и има неколку постојани колекционерски поставки, односно збирки од различни предмети.
Поставката од периодот на Османлиското Царство се состои од различни предмети од областа на војувањето и секојдневни предмети, што се користеле на просторите на Босна и Херцеговина. Најзначајни предмети во оваа збирка се три османлиски пушки кои потекнуваат од 16, 17 и 18 век. Претставени се и ретки парчиња исламска калиграфија, украсни предмети во бакрорез, предмети во сребровез и златовез, кожа за барут... Освен тоа, изложени се и некои предмети од Втората светска војна.

Посетителите имаат можност да видат и стари украсни предмети и ракотворби од тоа подрачје на Босна и Херцеговина, а меѓу нив ибрици, фрули, ѓезвиња, филџани и слично. Претставена е и збирка значки од периодот на поранешна Југославија, станува збор за околу 4.000-5.000 единици.
Значките се сортирани и припаѓаат на различни области (планинарење, спорт, риболов...). Повеќето значки (беџови) се изработени од емајл, иако има и сребрени. Меѓу експонатите има значки и од периодот пред Втората светска војна.
На едно од неколкуте паноа изложени се и ракотворби од дрво, а меѓу нив има музички инструменти и предмети од секојдневието (дрвени лажици, украсни ѓезвиња...).
- Бројни награди и признанија во земјата -
Амел Ахметовиќ пред етноселото истакна дека целиот комплекс на етноселото е пригоден за релаксација, одмор и прошетка... Ахметовиќ појасни дека занаетчиите им нудат на посетителите информации за тоа како се изработуваат одредени предмети и какво било нивното значење низ историјата.
Тој потсети дека етноселото официјално е основано пред осум години, но дека сопственикот повеќе од две децении работи на подготовки и збогатување на понудата.

„Денес имаме над 30.000 експонати кои се опипливи и гостите можат да ги видат и да го прашаат персоналот за што станува збор“, рече Ахметовиќ. Тој додаде дека гостите доаѓаат не само од цела Босна и Херцеговина, туку и од регионот, Европа и светот.
Ахметовиќ истакна дека дел од комплекот се и ковачница и воденица кои работат.
Етноселото „Мачковац“ е добитник на наградата за „Најдобра туристичка дестинација“ од областа на гастрономијата, за 2017 година.
Во рамките на Етноселото се наоѓа и Беговата куќа од 1966 година, во која се наоѓа и етнокино. Ахметовиќ објасни дека Беговата куќа се наоѓала во соседството, па била префрлена и станала дел од комплексот. Во неа се изложени различни предмети, вклучувајќи кофчежиња (150 се изложени во Етноселото), отомани со украсни ткаенини, мангали, ибрици и друго.
- Традиционална музика и врвна гастрономска понуда -
Во комплексот се наоѓа и „Моминската соба“, која е еден вид музеј и го покажува типичниот изглед на едно домаќинство во постариот период, било во османлискиот период, или подоцна, на подрачјето на Босна и Херцеговина. Основните предмети кои ги содржело едно такво домаќинство биле дрвените витрини, креденци, огниште изградено од тули, камен и глина, на кое се готвело и кое служело за греење, бакарни садови и мелница за кафе.
Изложена е печка составена од керамички садови во кои се ложело, а која, благодарение на таквиот концепт ја задржувала температурата и до неколку дена по загревањето. Токму овие садови, обоени со маслени бои, не биле само украсни, туку овозможувале и задржување на температурата.
Во угостителскиот дел на етноселото може да се слушне тивката традиционална музика покрај огништето.Традиционалната храна, персоналот облечен во носии и предметите стари по неколку стотици години ги враќаат посетителите во старите времиња.