Batuhan Dişbudak
17 Април 2026•Ажурирај: 17 Април 2026
Во срцето на турскиот град Самсун, фотографот Сулејман Ондер не создава само портрети, туку и чува еден времеплов. Она што започнало како обичен естетски зафат за декорирање на зградата што ја купил, низ шестгодишното патување станало величествена ризница од околу 150 стари фотоапарати, пишува Анадолу.
Ондер (33), кој веќе седум години професионално се занимава со фотографија, најпрво ја изнајмил, а по една година и ја купил старата историска зграда во населбата Кадиќој.
Токму таму, меѓу автентичните ѕидови, започнала неговата потрага по предмети што имаат приказна за раскажување, и по речиси 6 години станал горд сопственик на импресивна збирка од околу 150 примероци, чија историја досега уште од крајот на 1800-тите години, па сè до денес.“
Сулејман Ондер за Анадолу раскажа како пред седум години, воден од чиста љубов, го започнал неговото патување во професионалната фотографија.
Најпрво, својот мир и творечки рај ги пронашол под кирија во една стара историска зграда, за подоцна да ја купи и да стане негов дом и совршено место за неговиот занает.
„Почнав со собирање мали предмети за да го украсам овој простор“, раскажува Ондер. „Но, со текот на времето, декорирањето се претвори во длабока страст која не згаснува. Постојано барам нови парчиња што ќе ја надополнат оваа приказна.“
За него, секој апарат во колекцијата, а ги има од крајот на 1800-тите па сè до денес, е многу повеќе од обичен механизам. „Ги сакам старите нешта поради нивната ’преживеаност‘. Овие апарати биле неми соучесници на нечии најсреќни мигови, сведоци на свадби и најдлабоки лични тајни. За многумина, токму овие објективи го овековечиле нивниот единствен траг во времето, нивниот единствен животен портрет. Тие се чувари на човековото постоење.“
- „Моето внимание особено го привлекуваат старите фотоапарати хармоника” -
Иако не можел да ги користи најстарите модели на фотоапарат хармоника поради тешкото наоѓање филмови, Ондер нашол начин да ја задоволи својата љубопитност. „Особено ме фасцинираат старите модели на фотоапарат хармоника. Бидејќи процесот на наоѓање филмови за нив денес е исцрпувачки, почнав да собирам и стари фотографии. Тие носат уште повеќе душа во себе.“
Неговото студио денес наликува на вистински храм на минатото. „Луѓето кои доаѓаат за фотографирање, често забораваат зошто се тука. Се чувствуваат како да влегле во музеј. Ги вадат своите телефони и со вчудовиденост ја фотографираат атмосферата и старите апарати, восхитени од духот на просторот.“
Патот до оваа колекција бил трнлив, од часови поминати на пазарите за антиквитети, до внимателно следење на секоја аукција. „Беше напорно и бараше многу време. Сè уште будно ги следам сите лицитации за да не испуштам некој вреден предмет што заслужува дом“, вели тој.
Највредните парчиња во неговата збирка датираат од пред повеќе од еден век. „Тие ми се најскапоцени, ги чувам како очите во главата. Се трудам да соберам сè што оставило трага кај некој човек. Сакам да го зголемам нивниот број и да им ги оставам на моите деца како најубаво и највредно наследство.”