Besar Ademi
06 Април 2017•Ажурирај: 07 Април 2017
СКОПЈЕ (АА) - Во рамките на Меѓународниот саем во Скопје, Министерството за култура на Република Македонија ја промовираше програмата „Креативна Европа“, преку која во последните три години беа поддржани 14 проекти на девет издавачки куќи во Македонија, јавува агенција Anadolu Agency (AA).
Преку оваа програма, поддржана од Европската Унија (ЕУ), во период од три години беа преведени на македонски јазик 109 дела од европски автори, а средствата обезбедени од страна на ЕУ за овие девет проекти изнесуваат околу 800 илјади евра.
Заменик-министерот за култура на Република Македонија, истовремено координатор на оваа програма на ЕУ, Драган Недељковиќ, рече дека Македонија заедно со Бугарија, Словенија, Унгарија, Србија и со Хрватска се лидери на користењето на средствата за преведување книги од овој европски фонд.
„Ова е еден голем проект заедно со Министерството за култура кое исто така е и еден од најголемите издавачи во книжевниот фонд во Република Македонија. Мислам дека во иднина овој проект ќе се шири и ние ќе партиципираме во сите европски фондови од областа на издаваштвото“, рече Недељковиќ.
Од друга страна, Јаромир Левичек, од делегацијата на ЕУ во Скопје, во своето обраќање истакна дека во овој свет со предизвици, културата претставува голем потенцијал за надминување на разликите и за подобрување на меѓународните односи.
„Културната различност е суштествен дел од идентитетот и вредностите на Европската унија. Овие вредности таа ги промовира и преку културната дипломатија, но и преку финансиската поддршка на проекти од културата“, истакна Левичек.
Во промовирањето на програмата „Креативна Европа“ исто така присуствуваа и претставници од канцелариите на оваа програма во Словенија и во Бугарија, како и претставници на македонските издавачи куќи, кои ги разменија своите искуства за овој механизам на ЕУ.