Şaduman Türkay
24 Април 2026•Ажурирај: 24 Април 2026
Рукен Адибели ги користи отпадните материјали што ги собира во природата и низ градот, пред сè, пластични кеси, па од нив дизајнира портрети, но и костими и додатоци за музички групи. Со своите уникатни техники таа го претвора отпадот во уметност, насочувајќи го вниманието на јавноста кон загадувањето на животната средина, јавува Анадолу.
Сликарката Адибели почнала да ги собира пластичните отпадоци што ги наоѓала при прошетките во природа со семејството, а со текот на времето овие материјали станале центар на нејзиното уметничко творештво.
Отпадните материјали ги искористила во уметноста правејќи костими за музичката група на својот сопруг, која изработува инструменти од рециклирани материјали. Таа почнала да дизајнира елеци, кошули, здолништа, капи и додатоци, сите изработени од обични најлонски кеси.
Стекнувајќи искуство од работата со поинаков материјал додека дизајнирала костими, Адибели го пренела тоа и во своето сликарство, развивајќи сосема нова техника.
Еколошката порака што сакала да ја пренесе останува недоречена со традиционалните сликарски прибори, па уметницата ја искористила проѕирната природа на пластичните кеси за да создаде слоевита површина.
Наместо да ги бои, Адибели ги поставува кесите една над друга, добивајќи нови нијанси само со користење на нивните постојни бои. Со игра на светлината, сенките и длабочината, таа создава реалистични портрети, градејќи свој специфичен јазик на изразување.
Овие дизајни, целосно подготвени од отпадни материјали, покажуваат дека рециклирањето опфаќа широк опсег во најразлични области.
- Костими од пластичен отпад што се користат на концерти -
Во изјавата за новинарот на Анадолу, Рукен Адибели раскажува дека со семејството често шета во природа и секогаш се вознемирени од количината пластичен отпад што го наоѓаат.
„Почувствував лична одговорност и сакав тоа да го изразам преку мојата уметност. Сопругот е член на бенд што свири на инструменти направени од отпад. Ме замолија да им направам костими. Така почна сè, со дизајнирање облека од фрлени кеси“, објаснува таа.
Адибели вели дека со сопругот и синот секојдневно се трудат да ја зачуваат природата, собирајќи го секој отпадок на патот со мисла дека еден ден ќе биде корисен.
Дури кога и нејзиниот мал син ќе види некое капаче на улица, им вели: „Мамо, тато, ова ќе ви треба!“
Уметницата со гордост посочува дека луѓето почнале да го следат нивниот пример – некои почнале сами да рециклираат, а други го собираат отпадот и им го носат.
Таа со задоволство ги охрабрува луѓето да практикуваат нула отпад.
Адибели порачува дека гласот на уметноста мора да се слушне: отпадот не смее да се фрла во природата и секој од нас мора да даде придонес за нејзина заштита.