Ivana Ramadanova
16 Мај 2016•Ажурирај: 17 Мај 2016
СКОПЈЕ (АА) - Со проекција на играниот филм „Нарушувајќи ја тишината“ во режија на Џоу Сан започна „Ревијата на кинески филмови“, јавува Anadolu Agency (AA).
Во рамки на „Ревијата на кинески филмови“, што од денеска до 20 мај ќе се одржува во Кинотека на Македонија, ќе бидат прикажани пет филмови од кинеската кинематографија. На отворањето се обрати кинескиот директор на Институтот „Конфуциј“, проф. д-р Денг Шиџонг, кој меѓу другото истакна дека преку оваа ревија Македонија ќе го зацврсти пријателскиот однос со Кина.
„Во текот на оваа прокеција гледачите ќе имаат можност да видат филмови кои го отсликуваат современото општество на кинескиот народ, а со тоа ќе имаат можност да ги согледаат разликите на кинеското и македонското општество. Ако филмот по завршувањето допре до вас, ве поканувам да дојдете во Институтот "Конфуциј" и да земете литература за кинеската традиција и започнете да го учите кинескиот јазик", рече Шиџонг.
Според програмата, Ревијата на кинески филмови беше отворена со проекцијата на играниот филм „Нарушувајќи ја тишината“ од 2000 година, во режија на Џоу Сан. Ова е драма за една мајка која ќе направи се да му овозможи добар живот на нејзиниот син кој има проблеми со слухот.
Играниот филм „Двајца стануваат еден“ од 2006 година, во режија на Винг-чеонг Лоу ќе се прикаже во вторник, во 20 часот. Станува збор за моќна одисеја на една жена која се бори со рак на дојка. В среда од 18 часот ќе биде прикажана акционата комедија „Мал голем војник“ од 2010 година, во режија на Шенг Динг. Филмот е по сценарио на Џеки Чен, кој се појавува и во главната улога. В четврток од 18 часот ќе биде прикажана акционата комедија „Мој личен мечувалец“ од 2011 година, во режија на Џјинг Шанг. Филмот е снимен според истоимената серија од 2006 година, која беше голем хит во Кина.
Ревијата на кинеските филмови завршува в петок со филмот „Лотосов фенер“, екранизација на позната кинеска легенда, кој во 17 часот ќе можат да го проследат најмладите и оние кои сакат да се запознаат со кинескиот фолклор. Филмот во режија на Чанг Гуангшји е победник во категоријата „Најдобар анимиран филм“ за наградата „Златен петел“, која ја доделува Кинеската филмска асоцијација.
Продукциската и дистрибутерска куќа „КТ Филм и Медиа“, преку проектот „Ревија на светските кинематографии-Кина“ го доближува кинескиот филм и кинеските културни вредности до македонската публика.
Проектот е реализиран во соработка со Институтот „Конфуциј“ при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Проектот „Ревија на светските кинематографии“ е поддржан од Агенцијата за филм на Македонија.