Sibel Vezaj
05 Октомври 2016•Ажурирај: 05 Октомври 2016
ПРИШТИНА (АА) - Во рамките на четиригодишниот проект „Коалиција за еднакви права за сите“, финансиран од Европската Унија и раководен од страна на ЕУ во Косово, денеска се организираше конференција на која беше претставен извештајот „Потенцијално етнички мотивирани инциденти (ПЕМИ): Утврдувањето и известувањето“, јавува Anadolu Agency (AA).
За време на својот говор, раководителот на секторот за политика, економија и европска интеграција во Канцеларијата на ЕУ во Косово, Томас Гночи, зборуваше за работата на „Коалицијата за еднакви права за сите“, нагласувајќи дека неговата цел е заштитата на правата на маргинализираните групи. Тој додаде дека ова е важен дел од Спогодбата за стабилизација и асоцијација, што се однесува на заштитата на човековите права и заштитата од дискриминација на малцинствата.
„Важно е заедниците што живеат во Косово, без оглед на етничката припадност, да се чувствуваат безбедно таму каде што живеат и да имаат доверба во институциите што ги штитат. Имаме решенија за овие случаи и многу е важно сторителите да бидат изведени пред лицето на правдата“, рече Гночи.
Во меѓувреме, извршниот директор на Европскиот центар за малцински прашања во Косово (ЕЦМП Косово), Адријан Зеќири, кој ги претстави резултатите од извештајот, рече дека за стабилноста на Косово е многу важно известувањето и следењето на пријавените инциденти. Тој додаде дека како резултат на комплексната природа на етнички мотивираните инциденти, има некои разлики во точниот број на пријавените случаи, и во известувањето дали тие биле етнички мотивирани или не.
„Од една страна, имаме тенденција каде што инцидентите се пријавуваат само како етнички инциденти, а од друга страна имаме тренд каде што етничките елементи се минимизираат при пријавувањето на инцидентите“, рече Зеќири.
Заменик-министерот за внатрешни работи на Косово, Валдет Хоџа, рече дека бројот на етнички мотивирани инциденти е мал, истакнувајќи дека ова е благодарение на работата на косовската полиција, обвинителството и судот, кои, според него, направија добра работа за решавање на ова прашање.
Од друга страна, пак, генералниот заменик-директор на косовската полиција, Наим Реџа, вели дека секој ден има сѐ поголемо подобрување во однос на етничките инциденти.
Шќипдон Фазлиу, јавен обвинител на Главното обвинителство, рече дека во 2015 година имало 10 случаи квалификувани како кривични дела извршени со етнички мотиви, а во првите шест месеци од оваа година имало само 3 случаи со вакви мотиви.
Што се однесува до резултатите од објавениот извештај, според Кривичниот законик, во текот на 2015 година биле пријавени вкупно 11 случаи. Но, според следењето на овие инциденти од страна на ОБСЕ и ЕУЛЕКС, се дознава дека вкупниот број на пријавени инциденти е 479, што значи дека бројот е многу поголем во споредба со известувањата од страна на институциите.