Besar Ademi
15 Мај 2017•Ажурирај: 16 Мај 2017
СКОПЈЕ (АА) - Од денес, во Центарот за обука на пилоти во касарната „Страшо Пинџур” во Петровец започнува обуката на осмата генерација кандидати за воени пилоти, која е предвидена да се одвива во 18-месечен период, јавува Anadolu Agency (AA).
Во осмата генерација, од вкупно 80 пријавени беа избрани шестмина кандидати кои успешно ги завршиле сите тестови за селекција и беа примени за питомци. Теоретската и практичната обука во рамките на образованието за воен пилот, со десет летови со авионот „ЗЛИН-242Л“ кандидатите ќе ја завршат во согласност со стандардите на НАТО.
Министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски, во своето обраќање на почетокот од обуката за воени пилоти рече дека образованието за воен пилот има големо значење за кандидатите лично, но исто така и за македонската армија.
„Тоа е мошне значајно, како за нив лично, така и за нас како Армија. Ќе имаат можност да се образуваат во еден од најсовремените центри за обука на пилоти во Европа, а сигурно во овој дл ан Европа е најсовремен. Има голем број на заинтересирани пилоти од другите држави коишто доаѓаат тука на дообука, за да ги користат нашите симулатори”, рече Јолевски.
Во меѓувреме, директорот на Центарот за обука на пилоти, Јаари Шрага, изрази уверување дека овие шестмина кандидати избрани од страна на неговиот тим успешно ќе ја завршат обуката за воени пилоти и ќе станат квалификувани воени пилоти.
„Ние ќе ви ги овозможиме сите потреби, вклучувајќи средства и професионален персонал, без разлика дали станува збор за технички инструктор, инструктор по летање или администратор. Значи сè е во ваши раце. Од вас зависи дали во јуни 2018 година ќе ве видиме како дипломирани на овој центар”, рече Шрага, додавајќи дека овие кандидати ќе бидат третирани во согласност со највисоките стандарди на НАТО.
Инаку, Центарот за обука на пилоти посветен на избор и обука на пилоти за потребите на Армијата на Република Македонија, е формиран според моделот и стандардите на Академијата за пловидба на израелската воена авијација.