Mustafa Keleş
23 Февруари 2017•Ажурирај: 23 Февруари 2017
ОБЕДИНЕТИ НАЦИИ (АА) - Помошникот на генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), одговорен за хуманитарни прашања и итни состојби, Стефан O'Брајан изјави дека погледите на Сиријците и на светот се вперени во Женева, каде што денес ќе започнат мировните преговори за Сирија, истакнувајќи дека политичкото решение на луѓето ќе им понуди еден друг избор, надвор од смртта и уништувањето, јавува Anadolu Agency (AA).
На состанокот организиран од страна на Советот за безбедност на ОН, O'Брајан имаше свое обраќање во кое истакна дека 13,5 милиони лица во Сирија имаат потреба од хуманитарна помош, а 85% од населението живее во сиромаштија.
O'Брајан посочи на фактот дека повеќе од половина од жителите на земјата, од 2011 година досега ги напуштиле своите домови. „Минатата година, во Сирија, во просек околу 5.000 лица секојдневно се раселуваа. Околу 6,3 милиони лица беа принудени да се преселат во други делови на земјата. Околу 4,9 милиони лица како бегалци се заведени во соседните земји. Околу 1,2 милиони Сиријци поднесоа барање за азил во Европа“, соопшти O'Брајан.
O'Брајан на состанокот истакна дека и покрај одлуката на СБОН, сѐ уште има големи потешкотии во дистрибуцијата на хуманитарната помош до оние на кои им е најпотребна. Тој додаде дека сириската Влада продолжува да изнаоѓа бирократски проблеми, поради што долг период не може да се испрати помошта до голем број места што се под опсада.
O'Брајан на состанокот ја спомена и четвртата рунда на сириските преговори што денес ќе започнат во Женева, при што истакна дека оваа криза нема да биде решена доколку тоа се прави по воен пат или само со обезбедување хуманитарна помош.
„Сите погледи на Сиријците и на светот се вперени кон Женева. Само искрено политичко решение може да вети нешто надвор од смрт и уништување. Милиони жени, деца и мажи кои се во незавидна положба, очекуваат од средбата во Женева да произлезат разумни и конструктивни решенија“, изјави Стефан O'Брајан.
- „Пред секои преговори, режимот ги зголемува нападите“ -
Пред состанокот, постојаниот претставник на Франција во ОН, Франсоа Делатр даде изјава за новинарите, во која истакна дека режимот на Сирија во последните неколку дена неселективно ги зголемил своите напади, напаѓајќи и здравствени институции.
Делатр изјави дека режимот ги направил вообичаени овој вид на напади и додаде: „Режимот на Сирија пред секои преговори ги зголемува воените операции. Ние го осудуваме тоа однесување на режимот“.