Selma Kasap
01 Мај 2017•Ажурирај: 02 Мај 2017
АНКАРА (АА) - Раководството на турската владејачка Партија за правда и развој (АК Партија) едногласно ја усвои одлуката за обновување на членството во партијата на турскиот претседател и основач на таа партија, Реџеп Таип Ердоган, јавува Anadolu Agency (AA).
Извршниот совет на Ак Партија (MKYK) денес одржа состанок во седиштето на партијата во Анкара, со кој претседаваше претседателот на партијата, турскиот премиер Бинали Јилдирим.
Портпаролот на АК Партија, Јасин Актај, по состанокот соопшти дека членовите на Советот едногласно ја изгласале одлуката дека утре ќе се одржи нов состанок во седиштето на партијата, на кој ќе биде обновено членството на турскиот претседател Ердоган во партијата.
„На денешниот состанок е донесена и одлука за организирање на третиот вонреден конгрес на АК Партија за 21. мај“, изјави Актај.
Тој посочи дека конгресот на АК Партија е веќе во подготовка, и рече дека на конгресот ќе бидат одржани и избори за раководните органи на партијата, а планиран е и избор на турскиот претседател Ердоган на позицијата претседател на партијата.
Ердоган ја напушти АК Партија во август 2014 година, откако беше избран на функцијата претседател на државата, а неодамна одржаниот референдум на кој турските гласачи го поддржаа спроведувањето на уставните реформи, му овозможува на Ердоган да се врати во партијата.
Уставната реформа во Турција предвидува преминување од парламентарен на претседателски систем на управување во земјата и му овозможува на претседателот на државата да биде и активен член на политичка партија, што досега не беше случај.