Ekipa
02 Мај 2017•Ажурирај: 03 Мај 2017
СЕУЛ (АА) - Американската војски соопшти дека од денес во функција е противракетниот штит ТХААД (THAAD - Terminal High Altitude Area Defense), кој е инсталиран во Јужна Кореја со цел неутрализирање на севернокорејските нуклеарни закани, јавува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението на Командата на американската војска во Јужна Кореја се наведува дека инсталираниот противракетен штит има капацитет за пресретнување на севернокорејските проектили.
Од доаѓањето на власт на Ким Јонг-ун во 2011 година, Северна Кореја изведе повеќе од 50 тестирања на ракетни проектили и најмалку три нуклеарни тестирања, а официјален Пјонгјанг тврди дека веќе има развиено ракети со долг дострел со кои е можно да изврши напад на територијата на САД.
Одбивајќи да ја почитува резолуцијата на Советот за безбедност и не грижејќи се за меѓународните санкции, властите на Северна Кореја го продолжуваат развивањето на националната нуклеарна програма, со цел да се неутрализира заканата. САД минатата недела во Јужна Кореја ги донесе основните делови на ракетниот штит ТХААД.
Поставувањето на ракетниот штит во регионот Сонџу, Јужна Кореја, беше повод за масовни протести во земјата, во кои демонстрантите тврдеа дека таквиот потег ги зголемува безбедносните ризици и дека ѝ се заканува на животната средина.
Аналитичарите тврдат дека американските и јужнокорејските сојузници го забрзале процесот на инсталирање со цел да завршат пред претстојните претседателски избори во Јужна Кореја, на кои се очекува победа на кандидатот Мун Џае-ин, кој гледа на поставувањето на американскиот штит со неблагонаклонетост.