Burcu Arik
14 Септември 2017•Ажурирај: 14 Септември 2017
АСТАНА (АА) - Денес, во казахстанскиот главен град Астана започна шестиот круг од мировните преговори со цел да се заврши конфликтот во Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
Покрај трите земји-гаранти (Русија, Турција и Иран) и специјалниот преставник на ОН за Сирија, Стефан де Мистура, делегациите од Јордан и од САД исто така присуствуваа во улога на набљудувачи.
Според Министерството за надворешни работи на Казахстан, Катар исто така за првпат присуствуваше на состанокот, во улога на набљудувач.
Една од најважните теми за кои ќе се дискутуира е воспоставувањето на зони без судири во Идлиб.
Освен тоа, меѓу прашањата кои треба да се решат за време на дводневниот состанок се и ослободувањето на притворените и заробените задржани од страна на режимот на Башар ал Асад, предавање на телата и потрага по исчезнатите лица.
На 4. мај, Москва, Анкара и Техеран се согласија да воспостават четири зони без судири во Сирија.
Според договорот, зоните (во кои актите на агресија се номинално забранети) ќе го опфатат градот Идлиб и одредени делови од покраините Латакија, Хомс, Алепо и Хама, заедно со Дамаск, Источна Гута, Дата и Квинетра.
По прекинот на огнот, кој беше воспоставен на 30 декември, првиот круг од преговорите во Астана беше одржан на 23. и 24. јануари, со посредство на Турција, која ја поддржува опозицијата, и Русија и Иран кои го поддржуваат режимот на Башар ал Асад.
Сирија е заробена во жестока војна уште од почетокот на 2011 година, кога режимот на Башар ал-Асад презеде мерки со неочекувана свирепост против продемократските протести.
Оттогаш, според ОН, повеќе од 250.000 лица се убиени. а над 10 милиони се раселени.