Adel Ömeragiç
27 Февруари 2016•Ажурирај: 28 Февруари 2016
ПОДГОРИЦА (AA) - Во организација на Форумот на Бошњаците на Црна Гора во Подгорица, во Спомен-паркот на Побрежје, положено цвеќе во чест на жртвите на грабнувањето во Штрпци од пред 23 години, јавува Anadolu Agency (AA).
Денес се навршуваат 23 години од злочинот во Штрпци, кога припадниците на Војската на Република Спрска (ВРС) на железничка станица, од воз кој сообраќаше на релација Белград-Бар, изведоа и убија 20 патници, цивили од несрпска националност.
Претседателот на Форумот, Хусеин Цено Тузовиќ, кој ја предводеше делегацијата на Форумот на Бошњаците на Црна Гора, потсети дека на денешен ден се грабнати 18 патници со муслимански имиња и презимиња, со кои, како деветнаесети патник беше Томо Бузов, резервен капетан на ЈНА.
"Бузов, спротиставуваќи се на одведување на патниците од возот, плати со својот живот. Проектот за овој злочин подготвуван е во Белград. На опачината на возните билети беа запишани само имињата на муслиманите. Сето тоа го следеше новинарка од Нови Сад, чие име во овој момент не е вредно да се спомнува. Откако следеше што се случува во возот и надвор од него, од Подгорица на налогодавачите им соопшти дека работата е успешно извршена", истакна Тузовиќ и порача:
"Да не се повтори, но и да не се заборави."
На одбележувње на годишнината од злочинот во Штрпци присуствуваа претставници на политички партии, здруженија, како и граѓани на Подгорица.
За злосторството во Штрпци досега правосилно е осуден само Небојша Ранисављевиќ. Во судската постапка која против него е водена пред Вишиот суд во Бијело Поље, утврдено е дека група на припадници од Вишеградската бригада, која ја предводеше Милан Лукиќ, насилно го запре возот на станицата Штрпци и од истиот изведе 18 патници Бошњаци, еден Хрват и едно лице со неутврден идентитет, кои со воени камиони ги однесоа во просториите на основно училиште во местото Прелово кај Вишеград.
До сега се пронајдени посмртните остатоци на четири жртви. Телото на Халил Зупчевиќ пронајдено е кон крајот на 2009 година, во селото Сједача, во близина на езерото Перуќац, а посмртните остатоци на Расим Ќориќ, Јусуф Растодер и Илијаз Личина најдени се кај истото езеро 2010 година, додека за останатите тела и понатаму се трага.
За злосторството во Штрпци пред судот на Босна и Херцегоцина во тек е судењето на десетина обвинети, меѓу кои се Лука Драгичевиќ, командант на Вишеградската бригада, Бобан Инџиќ, командант на Интервентната чета во Вишеградската бригада, како и Гојко Лукиќ, братот на Милан Лукиќ. Во Србија по повод ова дело се води истрага покрената во декември 2014 година. Обвинителството за воени злосторства во март 2015 година, покрена обвинение против пет лица, меѓутоа тоа обвинение судот до денес не го потврдил, туку неколку пати го враќал на дополнување.