Miki Trajkovski
19 Август 2017•Ажурирај: 20 Август 2017
ОХРИД (АА) - Денеска се одржа 31. издание на Охридскиот пливачки маратон кој се пливаше на патеката Климе Савин од Свети Наум до градското пристаниште во Охрид на кој победи Александар Струнџиски од Гемранија со време од 5 часа, 15 минути и 14 секунди, јавува Anadolu Agency (AA).
На стартот на маратон кој беше точно напладне во 12 часот се појавија вкупно 22 пливачи од кои петнаесет во машка и седум женска конкуренција. Во текот на пливањето од трката се откажаа Александар Илиевски од Македонија и Марсел Шутен од Холандија.
Речиси првите тројца пристигна во интересна завршница во фото финиш. Второто место го освои Евгениј Поп Ацев од Македонија со време од 5.15.15.Третото место му припадна на Бертоли Гилермо од Аргентина со време 5.15.16.
„Не очекував да победам бидејќи минатата година имав операција на рамото. Ова ми беше само втора трка по операцијата. Не очекував да победам, сакав само да бидам меѓу првите 5, така да победата е фантастична. Многу ми е убаво овде, за прв пат пред 11 години настапив овде“, изјави за медиумите Александар Струнџиски по завршување на маратонот.

„Воопшто не сум разочаран што не стигнав до првата позиција, бидејќи Стуџински имаше повеќе сила и енергија во финишот", рече Евгениј Поп-Ацев од Македонија, кој пристигна како втор на 31-от Охридски пливачки маратон.
Во женска конкуренција прва заврши италијанката Барбара Поцбон со време 5 часа, 15 минути и 51 секунда, второ место Аличе Франго од Италија со време од 5.16.24, а трета Мартина Гриналди исто така од Италија со време од 5.22.20.
„Искрено не очекував ваква трка, затоа што испливав рамо до рамо со машките. Тие констатно ми беа мотив и ме влечеа да држам јако темпо, кое на крајот го издржав“, изјави Барбара Поцбон од Италија.

Во Охрид беше присутен и кремот на светското маратонско пливање. Помеѓу 22. учесници настапија тројца македонски пливачи Евгениј Поп-Ацев, Александар Илиевски и Александар Панчевски.
И оваа година маратонот кој е дел од Гран при серијата на светската пливачка федерација Фина беше под покровителство на Претседателот на државата, Ѓорѓе Иванов.
Главни организатори беа Општина Охрид, Пливачката федерација на Македонија, Агенцијата за спорт и млади и Сојузот на спортски федерации во Македонија. Наградниот фонд за маратонот беше 10000 американски долари.
Инаку Охридскиот пливачки маратон историски гледано почнал да се одржува од 1962 година, на почеток на релација Пештани-Струга-Охрид со должина од 36 километри до 1966 година.
Потоа се одржал во 1985 година, а редовно до денес се одржува од 1992 година кога повторно беше возообновен.Рекордни 11 победи има Петар Стојчев од Бугарија, од која последната победа му бепше во 2012 година.