Erbil Başay
12 Септември 2017•Ажурирај: 12 Септември 2017
БЕРЛИН (АА) - Канцеларијата на германското Федерално обвинителство побара доживотна затворска казна за Беате Чепе, членка на неонацистичката терористичка организација НСУ (NSU), која е обвинета за убиство на десет лица, вклучително и осуммина Турци, јавува Anadolu Agency (AA).
Денес продолжува судењето на припадниците на озлогласената група НСУ во Врховниот покраински суд во Минхен, а државниот обвинител Херберт Димер побара доживотна затворска казна за првообвинетата Чепе.
Обвинителството тврди дека доживотните затворски казни треба да се изречат за секое убиство одделно.
Во тек е изнесувањето на доказите на обвинителството, а во наредната фаза одбраната ќе ги претстави своите аргументи. Првостепената пресуда се очекува по неколку месеци.
Членовите на групата НСУ се товарат за низа кривични дела сторени во периодот меѓу 2000 и 2007 година, вклучувајќи го убиството на десет лица, вклучително осуммина Турци, потоа за извршување на два бомбашки напади и грабеж на 15 банки.
Процесот на судот во Минхен започна во мај 2013 година, а првообвинетата Чапе ја запали куќата што групата ја користела како седиште на терористичката ќелија и потоа се предаде на полицијата.
Покрај Чапе, обвинение е подигнато уште против четири лица кои им помагале на членовите на НСУ.
Поврзаноста на НСУ со кривичните дела е откриена кон крајот на 2011 година, кога двајца нејзини членови, Уве Бонхарт и Уве Мундлос, беа повредени за време на грабеж на банка и пронајдени мртви.