Ahmet Salih Alacacı
25 Октомври 2018•Ажурирај: 26 Октомври 2018
АНКАРА (АA) - Европскиот парламент денес повика на независна и непристрасна меѓународна истрага за смртта на Џамал Kашоги на 2 октомври, предупредувајќи дека би можеле да бидат воведени санкции доколку се открие дека саудиски агенти се виновни за неговата смрт, јавува Anadolu Agency (AA).
Во нацрт-резолуцијата одобрена денес, Европскиот парламент го осудува во најостра смисла убиството на новинарот во објектот на саудискиот Конзулат во Истанбул.
Во неа се повикуваат одговорните да бидат идентификувани и изведени пред лицето на правдата, а земјите членки на ЕУ да бидат подготвени за наметнување санкции доколку се открие дека за убиството на Кашоги се виновни саудиски агенти.
Во нацрт-резолуцијата се наведени и забраните за виза и замрзнување на имотот како можни санкции кон саудиски поединци и Кралството, инсистирајќи санкциите да бидат насочени не само кон извршителите, туку и кон оние што го испланирале и поттикнале тоа криминално дело.
Џамал Кашоги, колумнист во весникот „Вашингтон пост“ (The Washington Post), за последен пат е виден на 2 октомври при влегувањето во саудискиот Конзулат во Истанбул.
По неколкудневно негирање дека имаат какви било сознанија за Кашоги, саудиските претставници минатата недела признаа дека новинарот е убиен во просториите на Конзулатот.
Како што јави саудиската државна агенција СПА, саудискиот престолонаследник, Мухамед бин Селман, денес заседавал со новоформираниот комитет за реструктуирање на саудиската разузнавачка служба.
Во меѓувреме, светските лидери продолжуваат со апелите кон саудиските власти за разјаснување на околностите во врска со убиството на Кашоги.