Selma Kasap
07 Мај 2018•Ажурирај: 08 Мај 2018
АНКАРА (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, по средбата со претседателот на Србија, Александар Вучиќ во Анкара изјави дека Западот не може да ja поднесе позицијата на Турција на Балканот, јавува Anadolu Agency (AA).
„Западот не може да ја поднесе позицијата на Турција, особено на Балканот, како ни чекорите, иницијативите и напорите што ги презема Турција. Но, сакале тие да го прифатат тоа или не, ние сето она што можеме, како на Запад, така и на Балканот, го спроведуваме преку ТИКА и тоа многу брзо. Посебни напори вложуваме кога станува збор за реставрација и изградба на историски објекти. И во наредниот период, исто така, ќе продолжиме со ваквите напори“, рече Ердоган на заедничката прес-конференција.
Истакна дека проектот за автопатот меѓу Белград и Сараево пред сè претставува проект на мирот и развојот, потсетувајќи дека веќе се одржани состаноци и разговори за изградба на автопатот.
„Се надевам дека ќе почнеме забрзано и ќе ја завршиме изградбата на автопатот и инфраструктурата на автопатот. Се надеваме дека со тоа ќе го олесниме животот на луѓето во регионот, како во Србија така и во Босна и Херцеговина. Нашата желба е да придонесеме за благосостојбата и за подобар живот во регионот“, рече Ердоган.
Тој нагласи дека Турција ќе даде придонес кон сè што ќе донесе траен мир и стабилност на Балканот.
„Гледаме дека некому му сметаат активностите на нашата земја на Балканот, како и силната соработка што ја имаме со Србија, Босна и Херцеговина. Овие кругови се обидуваат да манипулираат со напорите на Турција и да ги прикажуваат во една поинаква светлина“, рече Ердоган, додавајќи дека на таквите им порачува наместо да се занимаваат со непотребни работи да дадат конструктивен придонес кон зајакнувањето на мирот и стабилноста на Балканот.
Истакна дека имал можност да разговара со Вучиќ за сите аспекти на билатералните односи, како и за регионалните прашања, нагласувајќи дека добра вест е тоа што трговската размена меѓу двете земји за прв пат во 2017 година надмина една милијарда долари.
„Се надевам дека во 2018 година од една милијарда ќе се зголеми на 2 милијарди долари, а потоа на 3, а целта се 5 милијарди долари. Меѓу главните цели е и тоа меѓусебните инвестиции да забележат раст. Со гордост ги следиме инвестициите кои нашите стопанственици ги реализираа во различни делови на Србија“, рече Ердоган.
Истакна и дека ќе се продолжи со разменувањето искуства во поглед на развојот на сообраќајната инфратруктура во Србија.
„Овие проекти ќе играат важна улога во поглед на регионалната стабилност, благосостојбата и интеграцијата. Автопатот Белград-Сараево, што ќе се изгради со наш придонес, ќе помогне во зајакнувањето на регионалната трговија и економските односи. Сакаме што поскоро да го започнеме овој проект“, рече турскиот претседател.
Тој исто така изрази благодарност кон Србија за одлучниот став во борбата против терористичката организација ФЕТО.
„Овој вирус треба целосно да се исчисти. Во тоа немаме никаков сомнеж“, рече Ердоган.
Српскиот претседател Вучиќ во обраќањето пред новинарите изјави дека Србија во ноќта на обидот за државен удар излезе со јасна изјава за поддршка на Турција, додавајќи дека Република Турција е најголемата сила и најмоќната земја на Балканот.
„Турција е најголема сила и најмоќа земја на Балканот. Битно е она што го мисли Турција“, рече Вучиќ.
Истакна дека турскиот претседател ги повикал инвеститорите да вложуваат што е можно повеќе во Србија.
„Зборовите на претседателот Ердоган вчера и денес ... Јас сум сигурен дека луѓето во Србија го разбираат она што го кажа претседателот Ердоган. Претседателот рече дека ги повикува инвеститорите да вложуваат колку што е можно повеќе во Србија, тоа претседателот Ердоган го рече двапати. Кога такви зборови ќе слушнете од претседателот Ердоган тогаш тоа значи многу за Србија и тогаш тоа е јасно и недвосмислено. Што се однесува до нас, јас не гледам никаков проблем во нашата соработка за изградба на автопатот“, рече Вучиќ.
Во рамките на посетата на Вучиќ на Анкара, помеѓу двете земји е потпишан Меморандум за разбирање и соработка во истражувачките и развојните активости во областа на сообраќајот.