Ahmet Sertan Usul
28 Јануари 2018•Ажурирај: 29 Јануари 2018
ЧОРУМ (АА) - Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, денес изјави дека турските војници продолжуваат да напредуваат во ослободувањето на сириското погранично подрачје на Африн, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган утринава допатува во посета на турскиот град Чорум за конгресот на владејачката Партија за правда и развој (AK Parti) во таа област, а пред салата им се обрати на илјадници граѓани кои се собраа за да му изразат добредојде.
„Пред малку разговарав со командантот и го прашав колку терористи се неутрализирани. Тој рече дека 484. Без оглед на сите потешкотии, нашите храбри војници напредуваат“, изјави Ердоган.
Ердоган изјави дека непријателите на Турција ја потцениле нејзината воена сила и храброста на нејзините војници и мислеле дека терористите на ПКК, ДЕАШ, ФЕТО и ПЈД и другите групи ќе можат да продолжат да ја загрозуваат земјата.
„Меѓу нашите војници и борците на Слободната војска на Сирија досега имаме вкупно 20 загинати херои, а од другата страна бројката изнесува 484, и тоа е добро бидејќи терористите ќе платат скапа сметка“, порача Ердоган.
Истакнувајќи дека Турција ќе ја продолжи борбата против терористите сè додека тие претставуваат закана за турската граница, Ердоган изјави дека борбата од Африн ќе биде продолжена и во Мунбич.
„И таму има невини и угнетувани луѓе. Таму се бегалците од Алепо. Сите сега молат за помош и се прашуваат кога храбрите турски војници ќе дојдат. Тие во Азаз веќе зборуваат дека турските војници стигнале и тие сега живеат во мир. Така се ослободени и Џарабулус, Рај, Ал Баб и таму сега се одвива процес на обнова и изградба. Така ќе ги ослободиме и овие региони“, изјави Ердоган.
Операцијата во Африн е започната во рамките на правото на Турција коешто е засновано на меѓународното право и на резолуциите на Обединетите нации (ОН), особено на оние што се однесуваат на борбата против тероризмот 1624 (2005), 2170 (2014) и 2178 (2014).
Турција се повикува и на член 51 од Договорот на ОН, односно на Правото за самоодбрана. Операцијата се спроведува со почитување на територијалниот интегритет на Сирија.
Силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад, во јули 2012 година, без борба им ја препуштија контролата врз Африн на терористите на ПЈД/ПКК. Африн стана еден од главните центри на таа терористичка организација.
Терористите на ПЈД/ПКК моментално под окупација држат 65 отсто од сириско-турската граница, а во Африн се наоѓаат меѓу 8 000 и 10 000 терористи.
ПЈД/ПКК е сириски огранок на терористичката организација ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации во Турција, САД и ЕУ. ПКК уште од средината на 1980-тите години спроведува терористичка кампања против Турција.