Duygu Yener
10 Август 2018•Ажурирај: 11 Август 2018
БАЈБУРТ (AA) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, денеска изјави дека неговата земја е соочена со бран на вештачка финансиска нестабилност, иако на економски план нема никакви проблеми. Подвлече дека каматното лоби нема да профитира преку грбот на турскиот народ, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган престојуваше во турскиот град Бајбурт, а во оваа пригода говореше на собирот, наречен „Средба во Бајбурт“.
Во текот на обраќањето се осврна и на движењето на курсот на турската лира и актуелните негативности на полето на економијата. Ердоган ги повика граѓаните на Турција да ги разменат заштедите, односно, да ги заменат во домашната валута, турската лира (TL).
„Тоа е нашата национална борба. Тоа ќе биде одговор на нашиот народ на оние кои против нас започнаа економска војна. Поради тоа, да им одговориме со домашна валута. Сите девизи - доларите, еврата, златото, дојдете и разменете ги за домашната валута. На тој начин како народ ќе им го дадеме најдобриот одговор“, рече Ердоган, додавајќи дека турското единство е најдобар и најголем одговор кој може да му се даде на Западот.
Нагласи дека е многу јасно дека негативностите на економски план кои се актуелни во последниот период, имаат една потполно друга димензија.
„Во време кога Турција ниту на макроекономски план, ниту во силата на производството, бројот на вработени, ниту во банкарскиот систем нема никакви проблеми, ние сме соочени со бранови на вештачка финансиска нестабилност. Како причина за овие напади, наводно се ситни несогласувања, а всушност е многу јасно дека причините за сето ова се потполно поинакви“, рече Ердоган.
Нагласи дека Турција е земја која настојува со сите земји да развива соработка во областите во кои постојат заеднички интереси, а во областите во кои интересите се спротивни, се труди таквите недоразбирања да бидат решени со преговори. Како што рече, на ниту една земја која Турција сака да ја однесе во ќош на подмолен начин, такво нешто нема да ѝ биде толерирано.
„Народот кој не се плаши од тенкови, авиони и топови, никој не може да го заплашува со промени во вредност на валутата. Оние кои тоа го мислат, не го запознале овој народ“, порача Ердоган, и додаде: „Оние кои поради ситна корист ја губат наклонетоста на Турција, страшно ќе се каат. Каматното лоби нема да профитира преку грбот на турскиот народ.“