Canberk Yüksel
18 Септември 2017•Ажурирај: 19 Септември 2017
ЊУЈОРК (АА) - Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека Обединетите нации (ОН) треба да се реформираат во согласност со новите услови во светот, јавува Anadolu Agency (AA).
„Неопходно е Обединетите нации (ОН) да се реформираат со цел да се прилагодат на променетите околности“, рече Ердоган за време на поставувањето на камен-темелникот на „Турската куќа“, односно Турскиот културен центар во Њујорк.

Тој нагласи дека на ОН им се потребни структурни реформи кои, според него, би ги направиле поинклузивни и би им помогнале да ја исполнат мисијата во поглед на воспоставувањето мир во светот.
„И покрај сите свои недостатоци, ОН и понатаму е една глобална организација каде што може да се слушне сечиј глас, и каде што секој може да побара решение за сопствените проблеми. Сепак, светот веќе не е ист како во времето кога се основани ОН“, рече турскиот претседател во своето обраќање пред присутните.
Тој истакна дека структурата на Советот за безбедност, највлијателното тело на ОН, е неправедна, поради што, како што рече, оваа глобална организација не е во состојба да ги исполни своите задачи како застапник на мирот во светот.
„Темата на реформирање на ОН ќе биде на дневен ред денес, но таа реформа не е она што ние го разбираме од зборот'реформа'“, рече Ердоган, мислејќи на состанокот на високо ниво за реформа на ОН што ќе се одржи во понеделник, со кој ќе претседава американскиот претседател Доналд Трамп.
Ердоган претходно во неколку наврати изјави дека „Светот е поголем од пет“, алудирајќи на Советот за безбедност на ОН и на петте постојани членки (САД, Велика Британија, Франција, Русија и Кина). Овие земји во различни услови го користеа правото на вето за да ги одбранат своите национални интереси.