Kübra Chohan
07 Декември 2017•Ажурирај: 08 Декември 2017
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган телефонски разговараше со претседателот на Русија, Владимир Путин, за последните случувања во врска со Ерусалим, јавува Anadolu Agency (AA).
Телефонскиот повик се одржа ден откако Доналд Трамп објави дека САД го признаваат Ерусалим како главен град на Израел и дека е донесена одлука да се премести амбасадата на САД од Тел Авив во Ерусалим, и покрај противењето на меѓународната заедница, истакнуваат извори од турското претседателство.
Нагласувајќи дека одлуката на Израел за анектирање на Ерусалим во 1980 година е одбиена од страна на меѓународната заедница и ОН, Ердоган истакна дека неодамнешниот потег преземен од администрацијата на Трамп негативно ќе влијае на мирот и стабилноста во регионот.
Изворот додава дека Путин споделил исто мислење со турскиот претседател и нагласил дека тие ќе ги проследат овие прашања до Советот за безбедност на ОН.
Ерусалим останува во сржта на трајниот конфликт меѓу Израел и Палестина, бидејќи Палестинците се надеваат дека Источен Ерусалим, кој е окупиран од страна на Израел, ќе биде главен град на идната палестинска држава.
За време на изборите, Трамп вети дека ќе ја премести амбасадата на САД од Тел Авив во Ерусалим.