Ekipa
05 Јули 2016•Ажурирај: 06 Јули 2016
ИСТАНБУЛ (AA) – Истакнувајќи дека светот го дочекува празникот Рамазан Бајрам во екот на борбата против тероризмот, претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган, најави дека Турција дополнително ќе го интензивира тоа темпо и изрази уверување дека со единство и братство на турскиот народ тероризмот во таа земја ќе биде трајно поразен, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот на Турција утрово беше на молитва по повод Рамазан Бајрам во Мимар Синан џамијата во истанбулскиот кварт Аташехир, а по традиционалната размена на честитиките со верниците, им се обрати на собраните новинари и го упати честитки за Бајрам на целиот исламски свет, а посебно на семејствата на жртвите и народите кои Бајрамот го дочекаа во војна и кризи од друг вид.
На прашањето на новинарите да ја коментира актуелната истрага за неодамнешниот терористички напад на истанбулскиот аеродром Ататурк, Ердоган рече дека до сега се уапсени 30 осомничени и дека со истрага ќе биде откриена мрежата на злото која стои зад нападите, а дека е очигледно јасно дека се работи за дело на терористите на ДАЕШ.
Истакнувајќи дека, и покрај максималните напори на разузнавачките институции, бројните терористички напади во целиот свет не можат да се предвидат, Ердоган рече дека Турција веќе три и пол децении се бори против сепаристичката и терористичката организација ПКК и го повтори уверувањето дека тероризмот ќе биде поразен со решителна борба која се води.
Коментирајќи ги најавите дека Турција ќе даде државјанство набегалците од Сирија, Ердоган рече дека тоа се луѓе кои делат заеднички вредности и слична традиција и дека со таквиот потег ќе им биде овозможен достоинствен човечки живот, но дека и Турција ќе има корист од тој чесен народ. Додаде дека и тоа е показател дека Турција не е држава која прима помош, туку дека таа им помага на оние кои се во неволја.
На прашањето на новинарите да ги коментира наводите од одредени кругови дека Турција би можела по примерот на започнатите процеси на нормализација на односите со Русија и Израел, да започне сличен процес и со Египет, Ердоган рече дека рамките на исчекорите кон нормализација на односите со Русија и Израел се едно, а дека Египет е друг случај.
„Турција нема никаков проблем со египетскиот народ, туку имаме проблем со владејачката структура во таа земја, а посебно со тамошните лидери. Таму имаме случај дека произволно се изрекуваат смртни казни и доживотни затворски казни на луѓе. Можете ли да ја разберете небулозата дека министерот за одбрана во таа земја го собори претседателот на земјата и седна на неговото место, а потоа му изрече смртна, па и доживотна казна. Нема тука никакви докази, ниту извршени дела, туку сите тие пресуди се донесени 'под маса'. Ние таквите потези нема никогаш да ги прифатиме бидејќи тоа е прифаќање на злото, исто така, само по себе е зло. Од друга страна, египетскиот народ е наш братски народ и ние како муслимани, луѓе кои пропаѓираме демократија, сме во тешка ситуација поради сето тоа. Повторувам, ние никогаш нема да ги прифатиме таквите потези, бидејќи се водиме од тоа дека признавањето на злото е исто така зло", порача турскиот претседател Ердоган.
Осврнувајќи се и на најавената средба со рускиот колега Владимир Путин, Ердоган рече дека шефовите на дипломатиите на двете земји на неодамнешниот состанок во Сочи договорија тој состанок да се одржи кон крајот на овој или почетокот на наредниот месец, но дека сеуште не е прецизирано местото и времето.
Осудувајќи го најостро вчерашниот терористички напад во Медина, Ердоган рече дека телефонски разговарал со саудискиот крал Салман и упатил порака на сочуство, но и поддршка во истрагата која треба да открие кој стои зад тој чин.