Burcu Arik
19 Март 2018•Ажурирај: 19 Март 2018
АНКАРА (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, денеска во Анкара изјави дека во текот на досегашната операција „Маслинова гранка“, се неутрализирани 3.622 терористи, и најави продолжување на операцијата во северниот дел на Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
„Со вчерашното ставање под контрола на градот Aфрин, ја поминавме најважната фаза од операцијата „Маслинова гранка“. Сега следуваат Мунбич, Ајн ел Араб, Тел Абјад, Ресулајн, Камишли, во кои ќе го продолжиме процесот до елиминација на терористичките елементи и нивните обиди да се воспостави терористички коридор во пограничниот регион“, рече Ердоган на собирот во Народниот културен и конгресен центар „Бештепе“.
Ердоган, исто така, рече дека со ослободувањето на Aфрин е ставена запирка, но дека точка во борбата против терористичката закана врз Турција и врз земјите од регионот, допрва треба да биде ставена.
„Нашата цел не е окупацијата, туку спроведување на операција за чистење на терористите и неутрализирање на заканата која тие ја претставуваат“, рече Ердоган.
Ердоган најави дека Турција ќе продолжи со борбата против терористичката организација ПКК, како на територијата на Турција, така и во соседна Сирија и Ирак, со почитување на меѓународните норми.
„Ја предупредивме Владата на Ирак дека терористите се обидуваат во Синџар да изградат нова база по моделот на Кандил. Ние им кажавме тоа да го решат сами или една ноќ ќе дојдеме одненадеж во Синџар, и ќе ги расчистиме припадниците на ПКК кои се таму“, рече Ердоган.