Andaç Hongur
20 Март 2017•Ажурирај: 21 Март 2017
ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека иднината на Турција не може да ја градат оние кои се плашат од турските младина и од народот, јавува Anadolu Agency (AA).
„Нивното време помина, но сè уште се спротивставуваат. Ние ги победивме на седум избори, а ќе ги победиме и осми пат на 16. април, и се надевам дека тогаш ќе ја сфатат пораката на народот“, рече Ердоган.
Ердоган имаше свое обраќање во Конгресниот центар Халич, во Истанбул, каде што се одржува 2. Меѓународен фудбалски самит, кој во организација на Унијата на фудбалски клубови на Турција ги собра најистакнатите личности од светот на спортот, особено фудбалот.
Турскиот претседател во своето обраќање истакна дека фудбалот ги надмина границите на спортот и стана место каде што се среќаваат различни карактери, идентитети и приказни, и дека во неговата суштина лежи заедничката борба, пријателството и толеранцијата.
„Покрај индивидуалните вештини и таленти, кои ги користат играчите на теренот, за победа е потребно зад нив да стои и силно раководство, стручен штаб и навивачи. Сите тие треба да делуваат синхронизирано. Во играта која се игра до последниот свиреж на судијата нема место за очај“, рече Ердоган.
Истакнувајќи дека фудбалот претставува разонода и надеж за младите од целиот свет, од африканските пустини и бразилските фавели, до луксузните квартови во метрополите, Ердоган рече дека големите фудбалски ѕвезди стануваат пример за младите. Додаде дека и тој за време на својата младост тренирал фудбал во неколку клубови.
„Во сите фази на животот ми користеше искуството што ми го даде фудбалот, а кое се рефлектира во дисциплината, тимската работа и примерното однесување. Убеден сум дека фудбалот и политиката во основа имаат многу заеднички работи. Исто како во спортот, и во политиката суштината е во натпреварувањето и конкуренцијата. Прво мора да победите на избори, па да ја преземете одговорноста и да му служите на народот. Токму како и фудбалот, политиката е исто тимска игра во која треба силен кадар на играчи. Исто како што еден фудбалски тим без план и стратегија во играта нема шанси да освои пехар, така ни политичарите и партиите немаат шанси доколку немаат што да им кажат на своите граѓани. И фудбалерот и политичарот треба да го потчинат својот живот на тој повик за да успеат“, рече Ердоган.
Тој понатаму истакна дека со појавувањето на насилството и агресијата, и фудбалот и политиката ги губат одликите на џентламенска игра, токму како што тоа го губат и со појавата на лагите, интригите, заговорите и предавството.
Тоа го спореди со валканата кампања која се води пред референдумот за уставни измени што ќе се одржи во Турција на 16. април, и рече дека противниците на реформите и воспоставувањето на ефикасна власт и претседателски систем ја мамат јавноста со класични лаги.
Нагласувајќи дека Турција во изминатите 14 години од владеењето на Партијата за правда и развој (АК Парти) има постигнато голем напредок и стабилизација, Ердоган рече дека спортот е еден од секторите во кој најмногу се вложувало.
„Од создавањето на Републиката до 2002 година, во Турција се изградени 1.575 спортски комплекси, а ние за 14 години додадовме уште 1.924 комплекси. На постоечките 48 олимписки базени, додадовме 78 нови. Исто така го зголемивме бројот на спортски сали од 372 на 825. Повеќето од 277 постоечки стадиони ги реновиравме, а градиме нови на кои цел свет покажува со прст. Вкупно 30 стадиони кои ги изградивме се бисери на спортот и уметноста. Девет од овие стадиони се веќе во употреба, во завршна фаза на изградба се 15, а за шест стадиони се завршени проектните и тендерските фази. Тие 30 стадиони имаат вкупен капацитет од 720.000 гледачи“, рече Ердоган.
Тој истакна дека на Анкара ѝ недостасува одреден спектакуларен стадион какви што има Истанбул, и истакна дека е направен план постоечкиот стадион „19. Мај“ во Анкара да се сруши и на негово место да се подигне нов кој ќе прими и до 40.000 гледачи.
И покрај сите вложувања во развојот на инфраструктурата, Ердоган рече дека на Турција не ѝ е доделено организирањето на Олимписки игри, бидејќи кај оние кои донесуваат одлуки „кружат разни куфери“.
„Јас лично се имам уверено и ги имам видено тие сплетки кои се прават при изборот на организаторите. Сепак, ние продолжуваме да го развиваме спортот и спортистите, а во изминатите 14 години организиравме вкупно 659 меѓународни натпревари и се докажавме како домаќини. Истанбул, но и други наши градови од Ерзурум до Анталија и од Трабзон до Мерсин, секогаш се подготвени да бидат домаќини на најголемите меѓународни натпревари“, рече Ердоган.