Faruk Zorlu
10 Септември 2018•Ажурирај: 11 Септември 2018
БРИСЕЛ (АА) - Европската Унија (ЕУ) денес предупреди дека воздушните напади на сирискиот режим на Башар ал Асад и Русија би можело да предизвикаат катастрофални човечки и хуманитарни последици во покраините Идлиб и Хама во северна Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
Одговарајќи на новинарско прашање за жртвите од нападите на сирискиот режим и руските сили во Идлиб, Маја Коцијанчиќ, портпаролката на високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, изјави дека воената офанзива во Идлиб треба да престане.
„Ние и понатаму разговараме со различни соговорници за ова прашање“, рече Коцијанчиќ.
Во новите напади на силите лојални на сирискиот претседател Башар ал Асад и руската авијација на подрачјето на Идлиб и Хама, во северозападниот дел на Сирија, денес беа ранети најмалку 17 лица.
Како што јави репортерот на АА, воените авиони на Асадовите сили и руската Војска од утрово ги бомбардираат подрачјата на Хабит, Џерџеназ, Хиш и Теменије, јужно од Идлиб. Во нападите учествуваат и хеликоптерите на Асадовите сили. Во нападите е опфатено и подрачјето на Латамне, недалеку од Хама. Ранети се најмалку 17 лица.
Меѓу ранетите има и две деца, кои се ранети во воздушните напади врз училиштето во Џерџеназ.
Претставници на опозициските набљудувачи на социјалните мрежи објавија информација дека руските воени авиони полетуваат од воздухопловната база „Хмејмим“. Поддршка им пружаат хеликоптери на Асадовите сили, а ги бомбардираат населените места јужно од Хама и Идлиб и опозициските упоришта. Истиот извор наведува дека училиштето во Џерџеназ го бомбардирале авиони на силите на Башар ал Асад.
Според извори на Цивилната заштита, во нападите во последните девет дена во Идлиб и Хама се убиени 29 цивили, а 71 се ранети.