Besar Ademi
29 Јануари 2016•Ажурирај: 30 Јануари 2016
СКОПЈЕ (АА) - Амбасадорите на Европската унија и на САД во Македонија Аиво Орав и Џес Бејли попладнево во Владата имаа средба со премиерот задолжен за спроведување на изборите Емил Димитриев на која се разговараше за спроведувањето на Договорот од Пржино и за подготовките за одржување на предвремените парламентарни избори. Тие побараа да се завршат обврските за одржување на кредибилни избори, јавува Anadolu Agency (AA).
"Имавме конструктивна средба со премиерот Димитриев на која ја повторивме нашата поддршка за кредибилни избори, како и нашата подготвеност да понудиме неопходна техничка и друга помош што ќе помогне да се создадат услови што ќе ги направат таквите избори можни" изјави Орав, по одржување на средбата.
Орав посочи дека со договорот од Пржино 24 април е поставен како датум за одржување на изборите. Тој наведе дека договорот ги обврзува потписниците на структурни реформи, влучувајќи и мерки за обезбедување поголема слобода на медиумите, прочистување на Избирачкиот список и имплементација на сите препораки на ОБСЕ, ОДИХР, за да се овозможат слободни и фер избори.
Американскиот амбасадор Бејли истакна дека ќе ги понудат нивните погледи и ставови како пријатели на Македонија, земја која сакаат да ја видат како просперитетна демократија во рамките на евро-атлантската заедница.
"Како и да е, на крајот зависи од Парламентот, Владата и вашите политички лидери да ги донесат одлуките. Тие се одговорни за повторното поставување на земјата на евроатлантскиот пат. Исто така, повторно ги охрабруваме партиските лидери да се воздржат од напади на официјални претставници чија задача е да создадат услови за кредибилни избори бидејќи тие вршат тешка работа. Таквата реторика не помага и ја поткопува вербата дека изборите можат да се одржат под услови кои би овозможиле тие да бидат прифатени од сите како слободни и фер", рече Бејли.
Премиерот Емил Димитриев, по средбата со амбасадорите Орав и Бејли истакна дека има доволно време, услови и ресурси изборите да бидат фер и демократски.
"Тоа ќе бидат фер, демократски и кредибилни избори по сите европски стандарди. Стандардите се јасни и прецизни. Има услови, време и ресурси сето тоа да се организира", изјави Димитриев.
На 20 февруари Европската унија и Соединетите држави ќе соопштат дали се исполнети условите изборите да се одржат на 24 април, датум што е предвиден во Договорот од Пржино. Евроамбасадорот Орав и американскиот амбасадор Бејли на премиерот Емил Димитриев му доставија писмо во кои се има три основни услови што треба да се исполнат заклучно со 19 февруари, а се однесуваат на избирачкиот список, реформите во медиумите и одвојувањето на државата од партиските активности.
Овие услови тие им ги доставиле и на лидерите на сите четири партии потписнички на Договорот од Пржино.