САРАЕВО (АА) - Денес во главниот град на Босна и Херцеговина заврши пленарниот состанок на претседателите на земјите од Југоисточна Европа во рамките на процесот Брдо-Бриони, јавува Anadolu Agency (AA).
Членот на претседателството на Босна и Херцеговина, Бакир Изетбеговиќ, во своето обраќање на новинарите во зградата на Парламентарното собрание на БиХ, која е овогодинешен домаќин на состанокот, истакна дека минатото не може да се промени, но дека иднината може.
Според него, претседателите на земјите од регионот сложни се дека меѓудржавните односни „не се градат само од самит до самит”.
„Затоа се обврзавме дека ќе градиме доверба со искрен дијалог со цел решавање на нашите разлики, дека ќе ги поддржуваме процесите на интеграции во ЕУ, дека ќе преземеме конкретни работи за решавање на отворените прашања, ќе се воздржиме од реторики кои создаваат нетрпеливост во регионот, ќе бараме решенија на прашањата кои нè погодуваат како што се тероризмот и бегалската криза, ќе работиме на унапредување на образовни можности со цел да се спречи одливот на мозоци, ќе ја унапредиме нашата поврзаност низ проекти на инфраструктура и други, ќе продолжиме со воведување стандарди на Европската унија”, истакна Изетбеговиќ.
"Иднината на сите односи во регионот зависи од нашата искрена подготвеност да ги надминеме нашите разлики", порача претседавачот со Претседателството на БиХ, Бакир Изербеговиќ, по завршувањето на состанокот на процесот Брдо-Бриони кој ги собра претседателите на земјите на регионот.
Претседателот на Србија, Томислав Николиќ, на прес-конференцијата по пленарниот состанок на процесот Брдо-Бриони истакна дека Србија нема намера да пристапи кон било кој воен сојуз и со било кој воен сојуз да има воени акции.
„Разликите се во врска со членството во НАТО и тоа е прашање на секоја од земјите. Србија нема намера да пристапи кон било кој воен сојуз, и со било кој воен сојуз да има воени акции. Ќе ги поддржуваме мировните операции, но она што ќе биде организирано од воените блокови, Србија во тоа нема да учествува и денес беше видливо разбирањето за ваквиот став на Србија”, изјави Николиќ.
„Нашата желба, Србија да биде членка на ЕУ, е искрена и на патот кон ЕУ ги исполнуваме условите кои се поставуваат пред нас. И замеривме на Хрватска што веднаш на првото поглавје изрази желба да докаже дека Србија не е подготвена. Мислам дека тоа ќе го отстраниме со директни разговори и мислам дека во врска со тоа ќе разговараме однапред за да не се создаде впечаток дека државите кои влегоа последни во ЕУ сакаат тој процес на проширување да го спречат инаку е сосема доволно што кај основачите на ЕУ се појави замор за проширувањето”, истакна претседателот на Србија.
Претседателот на Словенија, Борут Пахор, на конференцијата за новинари истакна дека во текот на пленарниот состанок видел дека нервозата и грижата во меѓународната заедница и Европа се сели и на подрачјето на државите од иницијативата Брдо-Бриони и во тој контекст предупреди дека ЕУ во следните месеци ќе се занимава повеќе со самата себе отколку со процесот на проширување.
„Моето главно предупредување до моите колеги и пријатели е дека во следните месеци ЕУ ќе се занимава повеќе со самата себе отколку со процесот на проширување. Тоа не смее да го загрози процесот на реформи во државите кои аплицираат за влез во ЕУ и НАТО, но тие процеси мора да одат напред”, порача Пахор.
На крајот подвлече дека ЕУ не е комплетна без сите држави на овој простор на Југоисточна Европа.
Претседателката на Република Хрватска, Колинда Грабар-Китаровиќ, по завршувањето на состанокот пак нагласи дека со српскиот претседател Томислав Николиќ имала „отворена дискусија” и истакна дека „Хрватска не блокира ниту сака да го блокира патот на Србија кон ЕУ”.
Грабар-Китаровиќ истакна дека е „загрижена за развојот на настаните кога станува збор за евроатлантските интеграции на земјите од Југоисточна Европа”, од последниот процес Брдо-Бриони, одржан во Загреб минатата година.
Таа потсети на нејзиниот разговор со претседателот на Србија, Николиќ.
„Сакам да кажам дека јас и Николиќ водевме отворена дискусија. Напоменувам дека Хрватска не го блокира ниту сака да го блокира пристапот на Србија кон ЕУ. Меѓутоа, она на кое ќе истраеме е исполнувањето на сите стандарди и критериуми за членство, денес го повикав Николиќ, Хрватска и Србија да седнат заедно на маса и со договор да ги решиме овие прашања”, истакна таа.
На денешниот состанок на процесот Брдо Бриони присуствуваше и претседателот на Косово, Хашим Тачи кој истакна: „И самитот Брдо-Бриони, кој што е организиран вчера и денес, со себе носи пораки на мир, просперитет и подобра иднина. Сретнав многу луѓе кои се со потекло од Косово, кои се родени овде, пораснале и живеат овде. Сега е време да се дојде до меѓусебно државно признавање помеѓу Косово и БиХ”.
Тачи потсети дека денес сите лидери на регионот се обврзаа да работат заедно за подобра иднина на целиот регион.
Претседателот на Италија, Серџо Матарела, кој денес престојува во Сараево како почесен гостин на овогодинешниот состанок на лидерите на процесот Брдо-Бриoни, порача дека неговата земја е уверена дека ЕУ нема да биде потполна сè додека сите земји на Југоисточна Европа не станат дел од неа.
„Пријателството и поддршката која Италија ја даваше и ќе продолжи да ја дава во процесот на евроатлантските интеграции е неспорна. Италија е уверена дека ЕУ нема да биде потполна сè додека не ги вклучиме сите земји од Југоисточна Европа, сите земји кои се застапени на денешниот состанок на процесот Брдо-Бриони. Затоа Италија сака да ја пренесе својата поддршка тоа да се постигне на што побрз можен начин”.
Исто така, тој истакна дека предизвиците со кои светот се соочува денес не можат да бидат решени само од страна на една земја, туку бараат соработка.
„Предизвиците како миграцијата и економската криза и терористичките закани не ги решава една држава, тоа се феномени кои можат да се решаваат со соработка и заедничка политика. Италија е убедена во важноста на завршување на ширењето на ЕУ со учество на овие земји и секако проширениот процес”, изјави Матарела.
Изетбеговиќ истакна дека домаќин на процесот Брдо-Бриони 2017 година, ќе биде Република Македонија.