Admir Fazlagic
09 Март 2017•Ажурирај: 10 Март 2017
СКОПЈЕ (АА) - Генералниот секретар на Организација за безбедност и соработка на Европа (ОБСЕ) Ламберто Заниер кој престојува во официјална посета во Македонија по завршувањето на средбите со политичките лидери изрази загриженост за состојбата во земјава и ги повикува политичките лидери да стават крај на политичка криза во интерес на сите граѓани на државата, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што се наведува во писмената изјава на Заниер, надминувањето на политичката пат-позиција и враќањето на политичката стабилност мора да бидат највисок приоритет.
„Клучот за решението лежи во рацете на политичките актери кои треба да се справат со предизвикот и да ја решат кризата за доброто на сите граѓани", вели Заниер во изјавата.
Според него резултатите од декемвриските избори во 2016 година овозможиле солидна основа за формирање влада и го повика Собранието да започне со работа, согласно демократските принципи и владеењето на правото.
Исто така, генералниот секретар на ОБСЕ, ги осудува неодамнешните пораки и инциденти што би можеле да доведат до влошување на меѓуетничките односи и нагласува дека Охридскиот рамковен договор е од клучна важност за заштитата и унапредувањето на правата на заедниците. Тој истакна дека ги охрабрува сите релевантни страни на Охридскиот рамковен договор да останат посветени на неговата имплементација.
„ОБСЕ, нејзините институции и Мисијата во Скопје ќе продолжат да се залагаат за мултиетничко и демократско општество и да обезбедуваат помош во областите како што се владеење на правото, избори, демократско владеење и реформа на полицијата. Ги охрабруваме сите актери целосно да ја искористат оваа експертиза", наведува Заниер.
Меѓу другото, тој смета дека е постигнат напредок преку имплементацијата на Договорот од Пржино и нагласува дека враќањето на довербата во институциите е од особена важност.
Генералниот секретар на ОБСЕ, Ламбето Заниер, на средбата со претставниците на организациите со граѓанското општество, ја нагласил нивната важна улога во промовирањето на демократското општество.
Во текот на посетата Заниер се сретна со претседателот на Македонија Ѓорге Иванов, министерот за надворешни работи на Македонија Никола Попоски, лидерите на политичките партии ВМРO-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ, Движењето БЕСА, Алијансата за Албанците и ДПА, како и со претставниците на меѓународната заедница.