Ivana Ramadanova
11 Декември 2016•Ажурирај: 11 Декември 2016
СКОПЈЕ (АА) - Државната изборна комисија информира дека излезноста на граѓаните на предвремените парламентарни избори во Македонија до 17.00 часот, на цела територија изнесува 60,38 проценти, односно 1.057.863 гласачи, јавува Anadolu Agency (AA).
„Според изборни единици, ДИК соопшти дека излезеноста во ИЕ1 изнесува 66,38 проценти, ИЕ2-59,76 проценти, ИЕ3-64,89 проценти, ИЕ4-67,15 проценти, ИЕ5-58,46 проценти и ИЕ6-46,82 проценти", соопшти претседателот на Државната изборна комисија Александар Чичаковски.
Од ДИК велат дека се поднесени околу 335 приговори, а досега разгледаните се од граѓани кои се пожалиле дека ги немало на Избирачкиот список. Според неа, од досега разгледаните приговори е утврдено дека овие граѓани биле на списокот со спорни гласачи и не поднеле барање за пријавување во предвидениот рок.
Она што е како новина од Државната изборна комисија е дека според прелиминарните податоци, во дијаспората, од пријавени 20.571 граѓани, гласале 8.208 гласачи или 39.9 проценти. Оттаму информираат дека првичните резултати од гласањето на парламентарните избори ќе бидат дадени по 19 часот.
ДИК останува со својата оценка дека засега нема поголеми инциденти на избирачките места, додавајќи дека гласањето се одвивало во мирна и фер атмосфера.
На денешните предвремени парламентарни избори учествуваат 11 политички субјекти од кој 6 политички партии и 5 коалции, со 58 листи и 1.092 кандидати за пратеници.
Во избирачкиот список се запишани вкупно 1.784.416 гласaчи. Изборите се спроведуваат во 3.480 избирачки места во вкупно 6 избирачки единици во Македонија, а 46 избирачки места има во седмата изборна единица што ја опфаќа дијаспората, каде што за гласање се пријавени 20.571 гласачи, кои своето право на глас го искористија во текот на вчерашниот ден.