Bakir Tiro
13 Април 2016•Ажурирај: 14 Април 2016
САРАЕВО (AA) - Бакир Тиро
Златко Заховиќ, еден од најдобрите фудбалери кои било кога ги имала Словенија, долгогодишен спортски директор на фудбалскиот клуб Марибор, е во центарот на скандалот кој ја потресува Словенија.
Во последните неколку години играчите на овој клуб, посебно муслиманите, ги навредувал на верска основа, им се заканувал на нив и нивните семејства, а целата приказна е откривена минатиот петок кога на тренинг на Марибор влегоа навивачите на овој тим. На играчите од првиот тим им се заканувале поради "лошата игра и неспортскиот начин на живот" и во таа прилика физички насрнале на Амир Дервишевиќ кога еден од припадниците на навивачката група "Виоле" му удрил шамар. Потоа, состанокот со играчите одржал спортскиот директор Заховиќ кој им рекол дека целиот случај "треба да им биде поука и да ги мотивира".
На Заховиќ, на спомнатиот состанок му се спротиставил македонскиот репрезентативец Агим Ибраими, кажувајќи му дека не е во ред да ги критикува, дека може и да ги казни поради лошата игра и однесувањето, да ги избрка од клубот, но дека не смее да го поддржи насилството кое се случи на тренингот. Кратко потоа, состанокот е завршен, а фудбалерите на Марибор со стручниот штаб отидоа во карантин пред натпреварот од првенството со Цеље, кој го играа минатата сабота.
- "Ти се молиш бидејќи си пијан од будалите и затоа има мртви" -
Во ноќта од петок кон сабота Заховиќ го повикал Ибраими и му кажал дека го засрамил бидејќи му се спротиставил пред сите играчи.
"Во текот на разговорот цело време ми пцуеше шиптарска мајка. Ја навредуваше мојата вера, исламот, мојот народ (Ибраими е Албанец од Македонија). На крајот ми викаше губи се од клубот, веднаш да си заминал од карантин. Се обидов да ја смирам ситуацијата, но не одеше и на крајот реков добро, ако е така, јас одам. Разговарав тогаш со тренерот Дарко Миланиќ кој ми рече 'ако е така, против шефот не можам, оди'", рече Ибраими и додаде:
"Откако дојдов дома почна да ми праќа СМС пораки со навредливи содржини" .
Во СМС пораките кои Заховиќ таа вечер му ги праќал на Ибраими, а кои на редакцијата на Anadolu Agency (AA) и ги отстапи словенскиот спортски весник "Екипа", помеѓу останатото некогаш славниот фудбалер на македонскиот репррезентативец му напишал:
"Ти се молиш бидејќи си пијан од будали и затоа има мртви".
На тоа, Ибраими го запрашал дали тоа ја навредува неговата вера, на што Заховиќ одговорил:
"Не, ти ја навредуваш мојата вера, тоа е фудбалот, твојата вера е смрт".
Во целата преписка Ибраими на Заховиќ му напишал и дека тој не е Нусмир Фајиќ. некогашниот напаѓач на Марибор кој денес настапува во Кина, како и дека нема да ги толерира неговите навреди кои босанскохерцеговскиот интернационалец секогаш ги премолчувал.
По одлуката на Заховиќ, Фајиќ пола година помина и во Б екипата на Марибор, пред да успее да се извлече од заплетканото шовинистичко клопче и да го напушти клубот во 2015 и тогаш кариерата да ја продолжи во Белорусија.
"Секогаш ме нарекуваше глупи Босанец и тоа не само кога сме сами, туку и пред сите играчи. Не беа тоа вицеви за Босанците од поранешна Југославија, кои и денес понекогаш ми пречат. Заховиќ тоа го зборуваше сосема сериозен, на лош начин. Помеѓу останатото, ми рече дека доколку не работам како што треба и како што вели тој, ќе ги испрати навивачите на Марибор да го посетат мојот стан и моето семејство. Тој секогаш ја навредуваше мојата вера, мојата држава и му се закануваше на моето семејство. Приказната на Агим Ибраими во Марибор и со Заховиќ е многу слична со мојата", рече за Anadolu Agency (AA) Фајиќ, кој сега игра во редовите на кинескиот Џинјианг Тианшан Леопард, додавајќи:
"Замислете, на полувреме од еден натпревар со Цеље, Заховиќ влезе во нашата соблекувална, ме издвои сам и на сите мои соиграчи им рече 'погледнете го овој човек, глуп Босанец, вие да сте некои фудбалери и луѓе сега би станале и сите би го претепале'. Беше мачно, ужасно. Соиграчите тогаш молчеа, ја наведнуваа главата кон подот".
- Пијанство и навреди -
На прашањето зошто на Заховиж никогаш не му се спротиставил, зошто трпел такви навреди, зошто дури сега признава каква голгота поминал во Словенија, Фајиќ одговори:
"Сакав да останам и да играм. Порај сето тоа, морам да признам дека и денес сум му благодарен на Заховиќ за некои работи. Ми помогна кога дојдов во Словенија, кога дојдов во клубот. Имав и приватни проблеми, гревови ... Меѓутоа, тоа не му дава за право потоа да се однесува на таков начин. И денес верувам дека повеќето кажани работи ги рекол кога бил пијан, бидејќи таквите навреди не може да ги зборува човек во нормална состојба".
Сите синоќешни дневници на словенските телевизии како удана вест го пласираа навредувањето на Заховиќ на фудбалерите на верска основа. Од фудбалскиот клуб Марибор и покрај бројните повици на многу медиуми не се огласија. Играчите по заминувањето на денес официјално суспендираниот Ибраими се во страв и не смеаат да даваат никакви коментари.
Се очекува реакција на претседателот на клубот Драга Котар и директорот Бојан Бан. Но, за сега сите молчат. До кога, никој во Словенија не може со сигурност да потврди.