Admir Fazlagic
30 Април 2016•Ажурирано: 02 Мај 2016
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, по повод христијанскиот празник Велигден, упати честитка до сите православни христијани во Република Македонија, како и до сите верници на Евангелско-методистичката црква во Република Македонија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во честитката на македонскиот претседател Иванов се наведува дека соживотот и религиското почитување придонесоа за зацврстување на меѓуверскиот дијалог во земјава, како и пораката за чување и почутање на традиционалните вредности и градење на добри меѓучовечки односи.
„На овој голем христијански празник кога ја славиме победата на животот над смртта се присетуваме дека токму почитувањето на христијанските вредности и верата го зачувуваа народното битие и македонското духовно наследство. Соживотот и религиското почитување придонесоа за зацврстувањето на меѓуверскиот дијалог во земјава. Наша должност и во иднина е да ја пренесеме пораката за вистината за верата која ја живееме, да ги чуваме и да ги почитуваме традиционалните вредности, да бидеме поцврсти и поединствени, јакнејќи ја солидарноста, праведноста и добрите меѓучовечки односи.”
Меѓусебно почитување, разбирање и заемно помагање - вредности кои мора да бидат секојдневно присутни во живеењето на сите граѓани, порача претседателот Иванов во својата честитка по повод христијанскиот празник Велигден.
„Честитајќи Ви го овој голем христијански празник, Ви посакувам добро здравје, благосостојба и духовен мир. Велигден го празнува животот од кој се раѓаат љубовта и надежта како симболи на победата над смртта. На верниците од православна вероисповед и на верниците на Евангелско-методистичката црква им посакувам верба во срцата, меѓусебно почитување, разбирање и заемно помагање - вредности кои мора да бидат секојдневно присутни во живеењето на сите граѓани.”