СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов обраќајќи се на свечената академија по повод 8 Септември- Денот на независноста на Република Македонија истакна дека членството во Европската Унија и НАТО се врвните стратегиски цели на земјата, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот на Македонија рече дека земјата од првиот ден на независноста се соочила со бројни парадокси.
„Не нарекуваа закана за безбедноста, иако бевме единствената република што мирно излезе од поранешната заедничка држава. Не обвинуваа дека ја крадеме историјата, иако други ни ги крадеа артефактите. Иако ги исполнивме сите услови за меѓународно признавање и интегрирање, долго време бевме негирани и непризнавани, но тоа нас не нѐ обесхрабруваше", рече претседателот Иванов, кажувајќи дека идејата за слобода имаше моќ да го трансформира македонското општество.
„НАТО нудеше сигурност и безбедност, додека Европската унија нудеше успех и благосостојба. Затоа, рече Иванов, постигнавме согласност за нашите врвни стратегиски цели - членство во НАТО и во Европската унија. Затоа, се залагавме за либерализација на економијата, плурализација на политиката и европеизација на општеството. И бевме непоколебливи во остварувањето на нашите стратегиски цели", порача претседателот Иванов.
- Сплотеност и обединување околу државните интереси -
Во обраќањето на свечената академија по повод 8 Септември, претседателот Ѓорге Иванов повика на помирување и сплотеност околу државните интереси, порачувајќи дека иднината на државата зависи од секој нејзин граѓанин.
Македонскиот претседател на вечерашната свечена академија по повод Денот на независноста, во својот говор се осврна и на престојните предвремени предвремени парламентарни избори кои треба да се одржат на 11 декември. Порача дека не е важно само кој ќе освои најмногу гласови и кој ќе владее до наредните избори туку, истакна дека е многу поважно како ќе помине предизборниот и изборниот процес и дали ќе се почитува волјата на граѓаните, не само од победникот, туку и од страна на поразениот.
„Изгубивме многу скапоцено време. Овие избори се шанса да ја завршиме оваа горка страница исполнета со неизвесност и да свртиме нова страница. Новата Влада ќе има голема задача, на повеќе полиња", рече претседателот Иванов.
Потребно е Македонија да направи стратегиско свртување кон внатре, односно да ги реформира и унапреди институциите, како и дека е непходно Македонија како држава да ги зајакне институциите, рече меѓу останатото македонскиот претседател.
„Ако Европската унија нема волја да ги започне преговорите за членство и да ги отвори поглавјата за Македонија, тогаш ние самите треба да си ги отвориме 34-те поглавја, и ние самите треба да си ги исполниме критериумите за членство во Унијата. Неопходно е да ги зацврстуваме институциите, да го реформираме судството, образованието, да ја унапредуваме економијата. На тој начин, ќе ги отстраниме или, барем, минимизираме последиците од блокадите. Затоа, неопходно ни е стратегиско свртување кон внатре. Сами да се менуваме, на подобро. Но, тоа стратегиско свртување кон внатре е многу подлабоко и посуштинско", потенцираше претседателот Иванов.

Во вечерашното излагање, македонскиот претседател порача дека горчината на постарите не смее да се дозволи да биде пренесена на наредните генерации.
„Младите генерации ќе живеат во свет со уште поголемо забрзување, со уште поголема динамика. Свет во кој ќе треба да се вклучуваат во разните процеси, да се натпреваруваат на глобалните пазари. Во такви услови, ним ќе им треба место за потпора, парче земја каде ќе бидат свои на своето, каде ќе можат, во секое време да се самоостварат. А тоа парче е Македонија", порача претседателот Иванов, додавајќи дека „за да го направиме тоа, ние мора да си простиме и да се сплотиме околу државните интереси на Република Македонија“.
- Иднината на Македонија зависи од секој еден од нас -
„Иднината на Република Македонија зависи од секој еден од нас, од секој еден од вас. Од тоа дали кон вашите права ќе ги придодадете и вашите обврски кон Македонија. Од тоа дали ќе преземете лична одговорност за секој ваш чекор, за секоја ваша животна одлука. Од тоа дали ќе го почитувате и прифаќате вашиот сосед, со сета негова етничка, религиска, социјална и идеолошка различност, онака како што не поучуваат врвните и вечни морални начела и вредности, истакна претседателот Иванов во обраќањето на свечената академија по повод 25-години независност на Република Македонија", заклучи Иванов, кој во својот говор упати честитка до сите граѓани на Република Македонија по повод јубилејот- 25 години од незавнисноста на Македонија, потсетувајќи дека 25 години Македонија е „слободна и независна земја."
Вечерашната свечена академија се одржа во Македонскиот народен театар во присуство на министрите во Владата на Република Макеоднија, премиерот Емил Димитриев, претседателот на Собранието Трајко Вељановски, голем број државни функционери, дипломатскиот кор, претставници на верските и етничките заедници во земјата и други граѓани.
По повод Денот на независноста на Република Македонија - 8 Септемри, делегации на Владата и на Собранието на Република Македонија утре ќе положат цвеќе пред Споменикот на паднатите херои и ќе се одржи врачувањето на државната награда „8 Септември“ за 2016 година, која им се доделува на спортисти, тренери и спортски работници.