Admir Fazlagic
03 Март 2016•Ажурирај: 04 Март 2016
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, денеска го прими Хојт Брајан Ји, заменик-помошник на државниот секретар за европски и евроазиски прашања на Соединетите Американски Држави, јавува Anadolu Agency (AA).
Според соопштението од Кабинетот на претседателот Иванов, на средбата беа разменети мислења за билатералните односи меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави, за состојбите со европската и евроатлантската перспектива на Република Македонија, за актуелностите во однос на бегалската и мигрантската криза, како и за внатрешните политички предизвици во Македонија.
Во соопштението се наведува дека претседателот Иванов истакнал дека Република Македонија останува целосно посветена на членството во НАТО и Европската Унија, притоа изразувајќи очекување од одлучна американска поддршка во пресрет на Самитот на НАТО во Варшава во јули 2016 година.
Во контекст на бегалската и мигрантската криза, според соопштението, македонскиот претседател го информирал соговорникот за активностите што ги превзема Република Македонија во справување со оваа криза, притоа потврдувајќи го ставот дека Македонија се залага за сеопшто европско решение.
„До решение може да се дојде само во соработка со Грција и Турција. Тоа е и во интерес на Македонија“, нагласи претседателот Иванов, пишува во соопштението.
Во однос на внатрешните политички предизвици, претседателот Иванов подвлече дека политичките лидери во Македонија преземаа одговорност за справување со политичката криза и потпишаа договор што мора да се реализира.
„Целосно спроведување на обврските од договорот е клучно за одржување фер, слободни и демократски избори. Неопходно е да се почитува договорот за да можеме да имаме Влада со чист политички мандат што мора да се справува со сите предизвици“, истакна македонскиот претседател, стои во соопштението.
На средбата беше реафирмиран интересот на Република Македонија за интензивирање на стратешкото партнерство со САД и изразено очекување за натамошно продлабочување на севкупната билатерална соработка. Двајцата соговорници разменија мислења и информации и за состојбите во регионот.
Претходно Хојт Брајан Ји оствари средба со лидерите на албанските политички партии во земјата, Али Ахмети од Демократската унија за интеграција (ДУИ) и со Мендух Тачи од Демократската партија на Албанците (ДПА), а за утре се најавени средбите со лидерите на македонските политички партии, Никола Груевски од ВМРО-ДПМНЕ и Зоран Заев од СДСМ.