Mahmoud Barakat
01 Јули 2018•Ажурирај: 02 Јули 2018
ЕРУСАЛИМ (АА) - Израел нема да дозволи други трупи, освен сириските сили на режимот, да бидат распоредени долж сириската граница, објави денес израелскиот весник „Haaretz“ (Хаарец), пренесува Anadolu Agency (AA).
Според весникот, Израел пренел пораки преку Соединетите Американски Држави (САД) и Русија дека ќе дозволи само силите на режимот Башар ал Асад да влезат во близина на северната граница на Израел и дека нема да го толерира распоредувањето на иранските сили и борците на либанската група Хезболах во областа.
Пораките беа пренесени за време на неодамнешниот состанок меѓу израелскиот началник на Генералштабот, генерал-полковник Гади Ајзенкот и челникот на здружениот Генералштаб на САД, генерал Џозеф Данфорд во Вашингтон.
Според весникот, Израел нагласил дека очекува Договорот за прекин на огнот со Сирија од 1974 година да се почитува, а во демилитаризираната зона долж границата да нема присуство на воени сили и тешко оружје.
Во петокот, Советот за безбедност на ОН ја обнови на шест месеци својата мисија на надгледување на прекинот на огнот на Голанската Висорамнина, повикувајќи ги вооружените групи да ја напуштат областа што ги дели сириските и израелските сили.
Сириската Голанска Висорамнина беше окупирана од Израел, за време на војната во 1967 година.
Израелското предупредување доаѓа во период кога сириските режимски сили и нивните сојузнички милиции напредуваат со голема воена офанзива во покраината Дера, во југозападна Сирија.
Најмалку 97 цивили се убиени, а илјадници раселени, од почетокот на офанзивата на режимот пред две недели.
По мировните преговори одржани минатата година во главниот град на Казахстан, Астана, Дера беше назначена за зона без судири.