СКОПЈЕ (АА) - Портпаролот на турското претседателство, Ибрахим Калин, во однос на посетата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на Дијарбакир истакна дека чекорите што ги има преземено претседателот Ердоган во однос на Курдите не ги има преземено ниеден друг политички лидер во современата турска историја.
Во колумна за турскиот весник „Дејли сабах“, Калин напиша: „Уште од неговата прва посета на Дијарбакир во 2005 година, претседателот Ердоган презеде чекори какви што нема преземено ниеден друг политички лидер во современата турска историја. Тој ги призна Курдите како рамноправен и важен дел од турската нација и направи јасна разлика меѓу курдската заедница и ПКК. Тој воведе реформи за укинување на забраната за користење на курдскиот јазик во медиумите, во политичките кампањи и во другите области од животот“.
Посетата на претседателот Реџеп Таип Ердоган на Дијарбакир во саботата, како што нагласи Калин, се одржа спротивно од политичката историја моделирана со бројни можности и предизвици. „Неговата порака за прифаќање на Курдите како рамноправни граѓани на Републиката има важна улога и по референдумот на 16. април“, истакна во колумната Калин.
„Тој ја претстави гласачката кутија и Парламентот како алтернатива за тероризмот на ПКК. Како премиер, тој инвестираше милиони долари за подобрување на животниот стандард во местата и градовите со претежно курдско население“, истакна Калин и додаде дека прифаќањето на Курдите како еднакви граѓани е клучен дел од политичкото наследство на Ердоган.
Во својата колумна, понатаму го цитира говорот на претседателот Ердоган во Дијарбакир, кој рече: „Ние сме подготвени да зборуваме и да чекориме заедно со оние што имаат нешто да кажат или пак имаат проект што треба да се реализира. Нашиот единствен услов е тие да не носат оружје, ниту да бараат поделба на земјата и на нацијата“.
Калин истакна: „Откако ПКК еднострано стави крај на мировниот процес во 2015 година и Народната демократска партија (ХДП) ја потроши својата улога како потенцијален политички актер, претседателот вели дека ќе допре до Курдите, вклучувајќи ги и лидерите на заедниците, политичките фигури, обичните граѓани, бизнисмените, невладините организации и други, со цел да одговори на нивните потреби”.
„Курдите не може да се остават на милоста на ПКК и на неговата опресивна марксистичко-ленинистичка идеологија”, истакнува Калин и додава дека ПКК се смета за терористичка организација од страна на Европската Унија и САД, и е најдобро позната по својот варварски тероризам, не само против турската држава, туку и против Курдите кои не ја следат нивната идеологија.
Зборувајќи за улогата на ХДП во однос на поддршката на ХДП кон ПКК, Калин напиша дека ХДП изведе политичко самоубиство поради поддршката на „рововската политика“ на ПКК и ги стави на располагање својот буџет, објектите и персоналот на општините што ги освои на локалните избори во 2014 година.
„Нивните потези не само што беа нелегални, туку претставуваа голем удар за политичкиот легитимитет на ХДП. Повеќето Курди се разочарани и од ПКК и од ХДП и сакаат мир, безбедност и просперитет, како спротивставување на опресијата”, истакна Калин.
Тој нагласи дека ова е токму она што претседателот Ердоган го вети во Дијарбакир: „Како што не можеме да ја замислиме Турција без Истанбул, Измир, Трабзон, Анталија и Ерзурум, не можеме да ја замислиме Турција без Дијарбакир“.
Портпаролот на турското Претседателство, Калин, во својата колумна понатаму вели дека колку што Турската Република е држава на Турците, Арапите и на другите, толку е држава и на Курдите и оти претседателот јасно стави на знаење дека додека операциите против тероризмот продолжуваат, нема да има промена во почитувањето и заштитата на правата на Курдите.
„И покрај вонредната состојба прогласена по обидот за државен удар на 15 јули, нема промени во спроведувањето на реформите што курдските граѓани ги уживаат. Владата инвестира, меѓу меѓу останатото, милиони долари во подрачјето Сур во Дијарбакир, за обнова на местата уништени од терористите на ПКК“.
Според Калин, претседателот Ердоган ја отфрла валканата политика на ПКК, кои зборуваат за мир, а држат оружје в рака, и дека тој ги отфрла претензиите на ХДП да бидат глас на Курдите, кога тие зборуваат прво и пред сѐ за ПКК. Тој додава дека реалноста е оти ХДП никогаш не покажала храброст да се посомнева и да ги отфрли ПКК за време и по мировниот процес инициран од страна на Ердоган.
„Ниедна влада нема да прифати политички соговорник кој има за цел да ѝ се даде легитимитет на вооружената борба преку поддршката на ПКК, додека ужива во привилегиите на парламентарната политика“, истакна Калин и додаде дека тоа би било како прифаќање на барањата на ИРА во Северна Ирска, ЕТА во Шпанија или ФАРК во Колумбија, за продолжување на оружената борба додека се повикува на политичко признавање или мир.
Да се спасат Курдите од ПКК, како што вели Калин, не значи само да се признаат нивните права и да се подигне животниот стандард, туку и тие да се заштитат од насилството и опресијата на ПКК. „Повеќето Курди во Дијарбекир, Хакќари, Ширнак и во другите градови населени со Курди, велат дека тие ги поддржуваат неодамнешните безбедносни мерки преземени против ПКК и против неговите урбани милитанти, бидејќи тоа им дава чувство на нормалитет и надеж за иднината“, напиша Калин.
Алудирајќи на европските влади коишто им даваат можност на различни ПКК структури во нивните земји што сакаат да ги искористат против Турција, Калин вели дека тие не само што ги кршат сопствените принципи, туку влегуваат во самопоразувачка стратегија.
„Американската администрација ја прави истата грешка со поддршката на огранокот на ПКК во Сирија – ПЈД и ЈПГ во име на борбата против ДЕАШ. Не е тајна дека ПКК ја користи сириската војна како алатка за своите регионални амбиции“, истакна Калин, нагласувајќи дека политиката на поддршка на ПКК и нејзините различни ограноци во Европа и во Сирија ќе има сериозни последици за регионалниот мир и безбедност.
Според Калин, огромното курдско мнозинство е уморно од тоа да биде гледано како пион кој можат да го користат странските актери против сопствената земја, и е уморно од политиката на западните медиуми коишто ги сфаќаат сериозно само гласноговорниците на ПКК и на ХДП и го отфрлаат нивниот став против ПКК.
„Тие ја отфрлаат сликата на Курдот како марксистичко-ленинистички идеолошки инструмент во рацете на странските агенти кои бараат ополномоштени војни. Тие ги презираат оние што ги промовираат плановите на ПКК во името на Курдите”, нагласи Калин.
Портпаролот Калин во својата колумна нагласи дека анкетите покажуваат оти курдските гласачи го поддржуваат референдумот за уставни измени во поголем број од очекуваниот. „Тоа е природно, со оглед на тоа што ги гледаат придобивките на предложениот систем, кој ќе го заврши периодот на слаби коалициски влади, ќе ја стимулира економијата и ќе воспостави силен систем на проверки и баланси”.
Калин истакна дека пораката на Ердоган за прифаќање на Курдите како рамноправни припадници на Турција ја карактеризира неговата политика од 2003 година и е важно и за референдумот на 16. април.
news_share_descriptionsubscription_contact
