Mümin Altaş
01 Февруари 2017•Ажурирај: 01 Февруари 2017
АНКАРА (АА) - Заменикот-премиер на Република Турција, Вејси Кајнак, изјави дека со одлуката за забрана на влез во САД на граѓаните од седум мнозински муслимански земји, американскиот претседател Доналд Трамп ја негира историјата и наследството на Америка, јавува Anadolu Agency (AA).
„САД е држава која ја формираа мигрантите и тие својата историја ја изградија како таква. Одлуките за забрана на влез на мигранти се негирање сопствената американска историја и наследство”, изјави Кајнак кој беше гостин на денешниот уреднички колегум на АА во Анкара.
Кајнак исто така изјави дека одлуките на американскиот претседател Трамп се спротивни на вредностите на современиот свет кој е граден врз основа на вредностите на демократијата, човековите права, слободата и владеењето на правото.
Истакнувајќи дека голем број на институции и установи во САД се противат на одлуките на Трамп, Кајнак нагласи дека сите мигранти и бегалци пред сè мора да бидат третирани како луѓе, а не да бидат дискриминирани врз основа на нивното потекло и религија.
„Во Турција се наоѓаат три милиони бегалци. Поголемиот дел од нив се сириски бегалци, а меѓу нив има и Палестинци, Иранчани, Авганистанци па и Ерменци. На сите нив гледаме човечно. Настојуваме на сите нив да им обезбедиме здравствено осигурување, образование и иднина. Нашата култура и нашите корени бараат од нас да го сториме тоа”, порача Кајнак.
Осврнувајќи се и на процесот на уставни реформи кои во форма на нацрт се одобрени во турскиот Парламент, а се чека одобрение од турскиот претседател и распишување на референдум во врска со тоа прашање, Кајнак изјави дека народот е оној кој на крајот ќе одлучи која институција ќе има извршни овластувања и дека тоа ќе биде одличен пример за демократијата и почитувањето на волјата на народот.
„Референдумот најверојатно би можел да се одржи на 9. или 16. април. Во двата случаи политичките партии и субјекти ќе имаат доволно време за спроведување на кампањата. Тоа значи дека до тогаш имаат уште 70 или 75 дена, а партиите веќе почнаа да ги бранат своите ставови откако беа спроведени расправи во Уставната комисија и на пленарната седница на парламентот”, изјави Кајнак.
Коментирајќи ги и тврдењата на некои недобронамерни кругови за тоа дека турската власт сака со давање право на глас на сириските бегалци да обезбеди позитивен резултат од референдумот за уставните промени, Кајнак изјави дека тоа во најмала рака е дрско да се каже бидејќи на сите им е јасно дека Турција има повеќе од 50 милиони регистрирани гласачи и дека десетици илјади сириски гласови во никаков случај не можат да бидат пресудни за резултатите на референдумот.
Кајнак остро ги критикуваше и властите на Германија, обвинувајќи ја таа земја за отворање на вратата на терористите на ПКК и другите терористи кои ѝ прават проблем на Турција.
„Германија е земја којашто ја отвори вратата на сите терористи кои ја напаѓаат Турција. Последниот пример е заштита на предавниците и пучистите на терористичката организација ФЕТО кои по неуспешниот обид за државен удар во јули минатата година засолниште пронајдоа во Германија, која исто така има добри односи и со Грција којашто неодамна одби на Турција да ѝ ги испорача осумте пучисти што активно учествуваа во пучот, а потоа со украден воен хеликоптер побегнаа во Грција”, ијзави Кајнак.
Турскиот вицепремиер во тој контекст порача дека безбедноста на државата и на народот е најважна работа за Турција и дека Европската Унија тоа мора да го сфати и прифати.
„Обидувајќи се да ја успорите Турција во нејзината опсежна борба против тероризмот значи да ја ставате Европа пред ризик на тероризмот. Турција во таа борба против тероризмот не може никој да ја спречи”, рече Кајнак.
На прашање на новинар за планираната обнова на мировните преовори за Сирија во Женева, Кајнак изјави дека во наредните недели следуваат важни разговори кои треба да го приближат решавањето на сириската криза, а додаде дека неодамнешниот состанок за сириската криза во Астана и офанзивата „Штитот на Еуфрат“ која турските сили со сириската опозиција ја спроведуваат против терористите во северниот дел на Сирија не се во спротивност со мировниот процес, туку претставуваат важен сегмент од тој процес.