Bekim Laci
24 Декември 2015•Ажурирај: 25 Декември 2015
СКОПЈЕ (АА) - По протестите на граѓаните на Тетово, кои го обвинуваа комбинатот "Југохром" дека е главен загадувач на воздухот во тетовскиот регион, менаџментот на "Југохром" донесе одлука за доброволно гасење на двете печки кои се во функција,што ќе значи целосно затворање на производствениот капацитет, јавува Anadolu Agency (AA).
"Имајќи слух за моменталната ситуација со загадувањето во Тетово, иако менаџментот на фабриката е на ставот дека „Југохром фероалојс“ ДООЕЛ во стечај не е единствениот, а уште помалку најголемиот загадувач во регионот, донесе одлука за доброволно гасење на двете печки кои се во функција односно целосно затворање на производствениот капацитет" , се вели во соопштението на тетовскиот комбинат "Југохром" .
Исто така, тие известуваат и дека прекинувањето на производството ќе трае од 31.12.2015 година до крајот на февруари идната година "кога впрочем и метеоролошките услови најмногу влијаат за загадувањето на воздухот."
Во соопштението се наведува и дека во меѓувреме „Југохром фероалојс“ ДООЕЛ во стечај ќе продолжи со сите планирани и веќе договорени активности за целосна имплементација на еколошките стандарди согласно законските прописи, односно инсталирање на системот за отпрашување во планираниот рок.
Аријан Џафери од граѓанската организација "Еко герила", која го артикулирашр гласот на граѓаните за загадувањето на животната средина во Полошкиот регион, вели дека ја прочитал одлуката, но не сакаше да ја коментира истата.
Џафери во изјава за АА, рече дека вечерва ќе се сретне со екпертите од оваа област како што се инженери и технолози со кои ќе ја анализираат одлуката на "Југохром" по што ќе одлучат за натамошните чекори, односно дали ќе се одложи протестот кој е најавен за утрешниот ден.
Иако владата на Република Македонија минатата ноќ одржа состанок на кој се разговараше за проблемот со загадување на воздухот и за комбинатот "Југохром" сеуште нема официјални информации во однос на одлуките од состанокот.