Ekipa
05 Март 2018•Ажурирај: 06 Март 2018
ИСТОЧНА ГУТА/АНКАРА (АА) - Конвојот со хуманитарна помош на ОН, составен од вкупно 46 камиони, пристигна во подрачјето на Источна Гута, Сирија, по тричасовно одложување на неговото влегување поради нападите на режимот на Башар ал Асад во оваа област, јавува Anadolu Agency (AA).
Како што јави репортерот на АА од терен, првично, во текот на денот режимот на Асад не го одобри влегувањето на хуманитарниот конвој на ОН во Источна Гута, предградие на Дамаск.
Конвојот од 46 камиони стигнал до точка во близина на областа контролирана од режимот, но не му било дозволено да влезе во подрачјето на Дума.
Официјален претставник на Канцеларијата на ОН во Женева, кој побара да остане анонимен, за АА изјави дека режимот го спречил влегувањето на најголем дел медицински средства преку земање на тие средства од речиси 3 камиони.
Источна Гута, предградие на Дамаск, е под опсада во последните пет години, а хуманитарниот пристап до областа, која е дом на околу 400 000 луѓе, е целосно отсечен.
Во изминатите осум месеци, силите на Асадовиот режим ја интензивираа опсадата врз Источна Гута, што го направи речиси невозможно доставувањето храна или медицински средства во подрачјето, оставајќи илјадници пациенти без потребната терапија.
Во петокот, регионалниот директор на УНИЦЕФ за Блискиот Исток и Северна Африка, Герт Капелаер, рече дека добиле одобрение од режимот на Асад за испраќање хуманитарна помош на 180 000 цивили што се блокирани во подрачјето, особено во месноста Дума.
На 24 февруари, Советот за безбедност на ОН усвои Резолуција со која се побара 30-дневен прекин на огнот во Сирија, без одложување.
Цивилната заштита „Бели шлемови“ истакна дека и покрај Резолуцијата на ОН за прекин на огнот, околу 756 лица се убиени во нападите на режимот во опколените области во изминатите две недели.