Bakir Tiro
23 Август 2016•Ажурирај: 25 Август 2016
САРАЕВО (АА) - Бакир Тиро -
Кристијано Роналдо, извонредниот играч на Реал Мадрид и репрезентативец на Португалија, заедно со клубскиот соиграч Гарет Бејл (Велс) и Французинот Антоан Гризман, претставува кандидат за престижната награда на УЕФА за најдобар фудбалер на Европа во сезоната 2015/2016 година, која ќе биде доделена во четврток на свеченост во Монако.
Еден од најдобрите фудбалери на денешницата истакна дека му претставува чест и привилегија што е еден од тројцата кандидати за трофејот на УЕФА.
„Претставува признание за една голема сезона на индивидуално и колективно ниво, тоа што со Реал Мадрид повторно ја освоив Лигата на шампиони, што е очигледно прекрасен момент во мојата кариера. Среќен сум”, изјави Роналдо екслузивно за Anadolu Agency (AA).
Во специјалното интервју за членовите на жирито на УЕФА за избор на најдобар фудбалер во Европа, кое е составено од по еден новинар од 55-те земји членки на континенталната фудбалска асоцијација, а во кое Босна и Херцеговина ја преставува уредникот на балканскиот спортски сервис на АА, Бакир Тиро, Роналдо го оцени освојувањето на Лигата на шампионите како врв на изминатата сезона. Претставник од Македонија пак е уредникот на „Македонски спорт”, Игор Ивановски.
„Тоа беше година во кои имаше од сè по малку за Реал. Немавме добар старт во сезоната, односно не почнавме на начин на којшто сакавме, но добро завршивме. Мислам дека со доаѓањето на Зидан, многу аспекти на тимот беа подобрени и бевме во состојба да ја освоиме Лигата на шампиони. На лично ниво бев најдобар стрелец во Лигата на пат до нашиот триумф, така што ова е една од најдобрите години во мојата кариера”, истакна Роналдо, додавајќи:
„Што се однесува до самите трофеи тоа е најдобрата година во мојата кариера. По освојувањето на Лигата на шампиони, ја освоив и титулата првак на Европа со својата земја. Сето тоа ја направи оваа година извонредна за мене. Никогаш не сум имал подобра година, и колективно и индивидуално, бидејќи бев најдобар стрелец во Лигата на шампиони и добро играв на Европското првенство во Франција, со што придонесов за освојување на двата најважни трофеи. Значи, ова беше навистина непроценлива, одлична сезона за мене”.
Тој рече дека со евентуалното ново освојување на трофејот за најдобар фудбалер во Европа (најдобар играч во изборот на УЕФА беше во 2014 година), би било од посебна важност во неговата кариера.
„Тоа е значаен поединечен трофеј. Сепак, најважно е што со соиграчите од Реал и репрезентацијата на Португалија освоив трофеи”, заклучи Роналдо.
Церемонијата за избор на најдобар фудбалер во Европа (UEFA Best Player in Europe) ќе се одржи во четврток попладне во салата „Грималди Форум” во Монако, по ждребката во групната фаза од Лигата на европски прваци.