Ekipa
01 Април 2018•Ажурирај: 02 Април 2018
ЕРУСАЛИМ (АА) - Израелскиот министер за одбрана, Авигдор Либерман, денес изјави дека неговата земја нема да соработува во меѓународната истрага за смртта на 15 Палестинци во близина на границата со Појасот Газа, јавува Anadolu Agency (AA).
„Лицемерните, кои повикуваат на формирање на комисијата, мора да разберат дека ова нема да се случи. Нема да има меѓународна истрага. Ние нема да соработуваме во ниту една истрага од ваков вид“, изјави израелскиот министер.
Либерман ја критикуваше претседателката на левичарската партија, Мерец Тамар Зандберг, која се приклучи на повикот да се спроведе независна истрага за инцидентот. Тој нагласи дека партијата повеќе ги штити палестинските отколку интересите на Израел.
Израелските војници, во петокот во Појасот Газа, на „Денот на земјата“ усмртија 15 лица, потврди Ешреф ал-Кидра, портпарол на Министерството за здравство во Газа.
Речиси 1.400 Палестинци беа повредени во нападите врз демонстрантите во Газа и на Западниот Брег. Поради смртта на Палестинците, во земјата е прогласен ден на жалост.
Палестинците одржуваат масовни демонстрации под називот „Големиот марш за враќање“ на границата на Појасот Газа и Израел, каде што во шест области се собраа десетици илјади луѓе.
Од 2007 година, Појасот Газа се наоѓа под израелска и египетска блокада што ја уништи економијата и лиши околу два милиони луѓе од основните намирници.