Alaattin Doğru,Uğur Çil,Ayşe Aktaş
26 Декември 2017•Ажурирај: 27 Декември 2017
НЏАМЕНА (AA) - Претседателот на Република Турција Реџеп Таип Ердоган во текот на официјалната посета на Чад истакна дека Турција и оваа африканска земја ќе преземат заеднички напори во борбата против тероризмот, јавува Anadolu Agency (AA).
По состанокот со претседателот на Чад Идрис Деби во претседателската палата во престолнината Нџамени, Ердоган на конференцијата за медиуми ги пофали напорите на Чад во борба против сите облици на тероризмот.
Во тој контекст потсети дека сите образовни установи, училишта, кои беа во сопственост на терористичката организација ФЕТО во Чад, доделени на турскат Фондација Маариф.
Нагласи дека Турција има добри односи со Чад и додаде дека Анкара спроведува бројни проекти во оваа централно-африканска земја.
„Само Турската агенција за меѓународна соработка и координација (ТИКА) досега заврши околу 50 проекти во оваа земја", рече Ердоган во обраќањето на новинарите.
Додаде дека Турција никогаш не ја гледала Африка како што тоа некогаш го правеле колонизаторските земји, напоменувајќи дека неговата земја силно го поддржува напредокот и развојот на Чад.
Претседателот на Чад, Деби, коментирајќи ја одлуката на Фондацијата Маариф да преземе сопственост над училиштата на ФЕТО, рече дека децата во таа земја веќе нема да се образуваат, како што рече, во терористичките установи.
„Терористите веќе нема да ги образуваат нашите деца", рече Деби и додаде дека посетата на Ердоган на неговата земја е важна, бидејќи, како што нагласи, седум договори кои ги потпишаа дополнително ќе ги продлабочат постоечките пријателски односи на двете земји.
„Турција игра многу важна улога во муслиманскиот, но и во остатокот од светот. Турција претставува мост помеѓу арапскиот свет и Западот", рече Деби.
Двајцата челници по состанокот издадоа заедничко соопштение во кое остро осудија секаков облик на тероризам.
„Делегациите на двете земји заклучија дека едностраните и незаконските одлуки за Кудс се неприфатливи и ништовни. Нагласено е дека формирањето на независна, суверена и целовита држава Палестина, со Источен Кудс како главен град и во границите од 1967 година, се услов за мир и стабилност во регионот. Апелираа на праведно, сеопфратно и мирно решение кое би било постигнато со меѓусебни преговори водени со визијата на дводржавно решение", се наведува во заедничкото соопштение.
Двајцата лидери предупредија дека неодамнештата одлука на американската администрација за признавањето на Ерусалим (Кудс) како главен град на Израел и преместување на амбасадата на САД во тој град може да предизвика негативни последици за мирот и стабилноста на регионот но и да ја уништат основата за одржив мир.
Претседателот на Република Турција Ердоган денеска допатува во службена посета на Чад, а претходно го посети Судан.