Besar Ademi
14 Октомври 2016•Ажурирај: 15 Октомври 2016
СКОПЈЕ (АА) - Националните бироа за осигурување на Република Македонија и на Република Хрватска во Скопје го потпишаа договорот за заштита на посетители, со кој во случај на сообраќајна несреќа на возачите од двете земји ќе им се овозможи да добиваат поефикасни информации и да земаат надоместоци за евентуалната причинета штета, јавува Anadolu Agency (AA).
Договорот беше потпишан од страна на генералниот директор на Националното биро за осигурување на Македонија, Трајче Латиновски, и директорот на Националното биро за осигурување на Хрватска, Хрвоје Пауковиќ. Директорот на Македонското биро истакна дека договорот е создаден за да им обезбеди можност на граѓаните со моторни возила, од земјите-членки на ЕУ, надвор од Европа да имаат дополнителна заштита.
„Со овој договор, двете бироа за осигурување ја развиваат својата соработка, која досега беше на високо ниво. Исто така, со ова се постигнува и повисок ефект во однос на тоа, кога нашите граѓани патуваат во Хрватска, ако се случи сообраќајна несреќа во која предизвикувач и виновник е возилото од Хрватска, на едноставен начин, по враќањето во Македонија граќанинот ќе има можност да му се обезбедуваат сите документи во соработка со хрватскиот завод. Со ова, на Македонскиот државјанин ќе му се надоместат сите штети од страна на компанијата во која е осигуран хрватскиот државјанин што ја предизвикал штетата“, рече Латиновски.
Латиновски додаде дека договорот е врз основа на одредбите од Директивата 4 и 5 на Европската Унија за моторни возила, што главно се посветени на заштитата на трети лица кои се повредени.
Во меѓувреме, директорот на хрватското Биро напомена дека овој договор претставува чекор понапред на Националното биро и на патот на Македонија кон Европа. Тој посака успех, додавајќи дека ова е чекор во вистинската насока.
„Она што ние и формално се договоривме е дека ќе им олесниме и на македонските граѓани што имаат штета во Хрватска, и на хрватските граѓани што имаат штета во Македонија. Побрзо остварување на отштета, остварување на нивните права, полесно доаѓање до потребните информации, а ние ќе им помогнеме во тоа“, рече Пауковиќ.
Националното биро за осигурување на Македонија досега потпиша такви договори со Србија, Турција, Грција, Словенија, Босна и Херцеговина, Швајцарија, Црна Гора и со Луксембург.