Ivana Ramadanova
08 Септември 2016•Ажурирај: 26 Септември 2016
СКОПЈЕ (AА) - Република Македонија денеска одбележува 25 години самостојност и независност, по успешно спроведениот референдум што се оддржа на 8 септември 1991 година, а на кој македонските граѓани се изјаснија за самостојна и суверена држава, јавува Anadolu Agency (AA).
По повод 8 Септември, Денот на самостојна и независна Македонија, во паркот „Жена борец“, денеска голем број делегации положија цвеќе. Свежи цвеќиња пред споменикот „Паднати херои за Македонија“ положија делегации на Владата, Собранието, како и партиски, општински и граѓански делегации. Цвеќе положија и американскиот амбасадор во земјата, Џес Бејли и амбасадорот на Велика Британија, Чарлс Гарет.
Над 95 проценти од граѓаните што излегоа на референдумот за независност, позитивно одговорија на прашањето: „Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија?“ Претходно, на 25 јануари 1991 година беше усвоена Декларацијата за независност од првиот повеќепартиски македонски Парламент.
Како важен чекор за државата следуваше усвојувањето на новиот Устав, на 17 ноември 1991 година. Десет години подоцна, тој беше дополнет по конфликтот во 2001 и потпишувањето на Рамковниот договор. Државата се осамостои монетарно со воведувањето на денарот на 26 април 1992, а потоа доби и своја Армија, која роденденот го слави на 18 август.
Меѓународно-правниот субјективитет на државата дефинитивно беше потврден на 8 април 1993 година, кога со акламација во Генералното собрание на Обединетите нации, Македонија беше примена за 181. полноправна членка на Светската организација. Поради противењето и притисоците на Грција, која не го прифаќа нашето уставно име, зачленувањето во ОН беше под привремената референца: Поранешна југословенска Република Македонија.
Во 2005 година, Македонија доби статус на земја-кандидат за членство во ЕУ, а во 2008 и препорака од ЕК за почеток на пристапните преговори со Унијата, која беше повторена и годинава. Грција, по примерот со НАТО, ја блокира и македонската евроинтеграција, условувајќи со претходно решавање на прашањето за името.
Државноста на Македонија прва ја призна Бугарија, по што следуваа признавања и од Турција, Словенија, Хрватска, Русија, Босна и Херцеговина.