Admir Fazlagic
18 Јуни 2017•Ажурирај: 18 Јуни 2017
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи на Република Турција, Мевлут Чавушоглу, кој престојува во официјална работна посета на Репубика Македонија, придружуван од амбасадорката на Република Турција во Скопје,Тулин Еркал Кара и пратеникот во Парламентот на Турција, Хусеин Бурге, денес се состана со претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов, во претседателскиот кабинет на „Вила Водно“ во Скопје, јавува Anadolu Agency (AA).
Во рамките на посетата на Република Македонија, министерот Чавушоглу ќе се состане со неговиот македонски колега, министерот Никола Димитров.
Од Министерството за надворешни работи на Република Македонија соопштија дека се очекува да бидат разменети мислења за билатералните односи, како и за можностите за унапредување на соработката во повеќе области, со акцент на понатамошното продлабочување на економската соработка.
„Министрите ќе разговараат и за актуелните теми во регионот и пошироко, како и за соработката на меѓународен план“, велат од министерството.
Исто така, во рамките на посетата, предвидено е министерот Чавушоглу да биде примен и од претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев.
Претходно денеска, министерот Чавушоглу се состана со поранешниот премиер на Република Македонија и претседател на партијата ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.
Министрите Чавушоглу и Димитров ќе присуствуваат и на ифтарот, кој во организација на Турската агенција за соработка и координација (ТИКА), Стопанската комора на Македонија-Турција (МАТТО), Сојузот на турски невладини организации во Македонија (МАТУСИТЕБ), ќе се одржи под покровителство на Амбасадата на Република Турција во Скопје. Исто така, предвидено е на ифтарот да присуствуваат и претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов, и претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев.