Ali H. M.Abo Rezeg
04 Декември 2016•Ажурирај: 05 Декември 2016
ИСТАНБУЛ (АА) - Меѓународната организација за меморирање на Куранот (HQMI) предупреди дека постојат непрецизни, односно неточни апликации на Куранот на мобилниот систем Андроид, јавува Anadolu Agency (AA).
Меѓународната организација истакнува дека се поднесени претставки за неколку грешки во бесплатните апликации за Куранот во дигиталните продавници на Apple Store и Google Play.
Во апликациите е регистриран недостаток на букви во некои зборови од Куранот, грешки во речениците и недостаток на интерпункциски знаци.
„Исто така, некои страници од Куранот се избришани, намерно или ненамерно“, наведува меѓународната организација поврзана со Светската муслиманска лига.
Во соопштението се повикуваат муслиманите да бидат внимателни во користењето на бесплатните апликации за Куранот, а предложени се сигурни извори за корисниците кои сакаат да ја читаат и проучуваат светата книга на муслиманите на нивните компјутери и мобилни телефони.
Основана во 2000 година во Џеда, Саудиска Арабија, Меѓународната организација за меморирање на Куранот дејствува со цел подучување на муслиманите во учењето на Куранот наизуст - хифсот, на начините за усовршување на неговото меморирање и разбирање на неговото значење.