Şerife Çetin
04 Декември 2018•Ажурирај: 04 Декември 2018
БРИСЕЛ (AA) – Генералниот секретар на Северноатланскиот сојуз (НАТО), Јенс Столтенберг, го повтори повикот до властите на Русија да ги ослободат запленетите украински бродови и заробените морнари, јавува Anadolu Agency (AA).
Пред самиот почеток на дводневниот состанок на шефовите на дипломатиите на членките на НАТО, шефот на Организацијата, Столтенберг, им се обрати на новинарите во Брисел и ја обвини Русија за предизвикување нова дестабилизација во регионот.
Тој рече дека главна тема на министерскиот состанок ќе бидат тензиите во руско-украинските односи, руско-американскиот Нуклеарен договор и состојбата на Блискиот Исток, на северот на Африка, во Авганистан и на Западен Балкан.
Потсетувајќи дека руските сили предизвикале напад и ги заробиле бродовите и посадата на украинската морнарица во Азовското Море, Столтенберг рече дека тоа е јасен пример на обид за дестабилизација во регионот.
„НАТО ја повикува Русија итно да ги ослободи украинските бродови и морнарите“, порача Столтенберг.
Тој ја повика Русија да го почитува Договорот за нуклеарното оружје со среден дострел (INF) и изрази загриженост поради руското развивање на нови ракетни системи од среден дострел.