27 Јануари 2019•Ажурирај: 28 Јануари 2019
МЕЛБУРН (АА) - Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ денес полесно од очекуваното совлада еден од неговите најголеми ривали, Шпанецот Рафаел Надал во финалето на Австралијан опен, јавува Anadolu Agency (AA).
Финалето на првиот Гренд слем турнир од сезоната во Мелбурн го играа првиот и вториот тенисер на светот, Ѓоковиќ и Надал, чии меѓусебни дуели веќе со години се сметаат за најубава посластица на т.н. „бел спорт“.
Ѓоковиќ на 53. меч со Надал влезе со две победи повеќе, а на крајот славеше триумф со резултат 3:0 во сетови (6:3, 6:2 и 6:3).
Ѓоковиќ го отвори мечот подобро и првиот сет го реши во своја корист, со резултат 6:3. Во продолжение на мечот Надал не можеше да најде решение за играта на Ѓоковиќ.
Денешното финале е реприза на епското финале од 2012 година кое е запаметено како еден од најдобрите мечеви во ерата на Австралијан опен.
Ѓоковиќ денес го освои рекордниот седми трофеј на Австралијан опен и 15. Гренд слем титула. Надал во кариерата освои 17. Гренд слемови, а во Австралија победник беше само во 2009 година.