Sefa Mutlu
06 Март 2018•Ажурирај: 07 Март 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - Заменичката на генералниот секретар на „Движењето за човекови права и правда“ (IHAK), правничката Гулден Сонмез пред поаѓањето на „Меѓународниот конвој на совеста“ од Истанбул изјави дека војната во Сирија е најсрамна слика на состојбата во која се наоѓа човештвото, кога станува збор за децата и жените кои се жртви на судирите, јавува Anadolu Agency (AA).
Целта на конвојот, за кој зборуваше и Сонмез, е да се укаже на проблемите на Сиријките во затворите на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад и да се бара нивно итно ослободување.
Сонмез се осврна на судирите во Сирија особено укажувајќи на состојбата во која се наоѓа населението на Источна Гута.
„Додека траат судирите, гледаме што се случува во Гута. Ги гледаме телата на децата. Од друга страна, тука се и жените кои за време на војната се затворани и соочени со мачења и силувања“, изјави Сонмез.
Таа смета дека светот не им придава доволно внимание на жените во Сирија и дека меѓународните механизми не посветуваат доволно внимание на ова прашање.
Нивното барање е безусловно ослободување на Сиријките.
„Се надеваме дека ќе добиеме одговор. Жените од цел свет ја поддржаа оваа организација. Сигурни сме дека и мажите од сите делови на светот даваат поддршка на Конвојот на совеста“, изјави Сонмез.
Таа истакна дека во сириските затвори се наоѓаат илјадници жени, и дека и складиштата и фабриките се користат како затвори.
Националната рели-возачка Бурџи Џетинкаја изјави дека станува збор за проект од меѓународно ниво во кој учествуваат луѓе од различни вери и нации.
„Се собравме за да бидеме глас на жените што се жртви на мачење и силување во затворите во Сирија, кои не можеле да се спасат. Ова е наш мал придонес“, изјави таа.
Таа смета дека највисоката цена за војната ја плаќаат жените и децата и дека болката се пренесува од генерација на генерација.
Рамиза Гурдиќ, која е една од 200 учеснички во конвојот од БиХ, им порача на Сиријките да бидат силни и упорни.
„И ние го преживеавме ова, но ми изгледа дека тие преживеале и полошо“, изјави Гурдиќ.
Таа потсети дека ја чувствува нивната болка и тага, и дека ги загубила своите два сина.
„И нас некој нè штитеше за неколку од нас да ја преминат границата, за да не ги убијат сите“, истакна Гурдиќ.
„Конвојот на совеста“ ќе помине низ неколку турски градови и потоа ќе стигне на границата со Сирија.
За 8 март - Денот на жената, е планирано во Хатај да биде одржана прес-конференција.
„Меѓународниот конвој на совеста“ го поддржаа жени од 55 земји како и голем број здруженија и невладини организации, вклучувајќи ја и хуманитарната фондација ИХХ, и женската организација „Кадем“.