Zülfiya Yakup
05 Декември 2015•Ажурирај: 06 Декември 2015
ПРИШТИНА (АА) - Обединетата косовска опозиција денес одржа мирен протестен собир во центарот на Ѓаковица, за да изрази противење за Договорот за Заедница на општини со српско мнозинство во Косово и за демаркација на границата со Црна Гора. Пред неколкуте илјади граѓани претставниците на трите опозициски партии порачаа што побрзо да се ослободат опозиционите пратеници, јавува Anadolu Agency (АА).
Фатмир Лимај, лидерот на Иницијатива за Косово, порача дека ниту апсења, ниту закани, ниту па влегување во станови нема да ја затворат устата на опозицијата сè додека не се повлечат штетните договори за Косово.
Претседателот на Движењето „Самоопределување“ Висар Имери рече дека Иса Мустафа и Хашим Тачи добро знаат дека граѓаните се против тие „криминални“ договори, но дека нив не ги интересираат граѓаните.
„Тие полициски шефови зборуваат само со полицијата, не против криминалот, туку против спротивставувањето, против опозицијата која се спротивставува на нивните проекти“, рече Имери. Тој истакна дека власта ги апси пратениците и демонстрантите, влегува во становите и канцелариите на опозиционите партии бидејќи така сака да ги исплаши граѓаните.
Лидерот на Алијансата за иднината на Косово, Рамуш Харадинај, рече дека Ѓаковица е избрана за првиот протест по општините, надвор од Приштина, против штетните договори затоа што, всушност, во Ѓаковица започна и првиот протест против министерот Јаблановиќ, кој потоа е сменет.
„Ние сме Европејци како народ, како традиција, историја и култура, но освен што сме Европејци имаме ретко добри вредности со кои се гордееме, вредност да бидеме пријател на пријателот. Ние сме доживотни пријатели со Америка, знаеме дека Косово го ослободивме заедно со сојузниците и заедно ќе го промениме“, порача Харадинај.
Тој истакна дека Косово е во таква позиција поради лошите раководни лица, кои ја натераа опозицијата да фрла солзавец во Собранието, но порача дека со сила ништо не се добива.
Обединетата косовска опозиција вчера ја одби официјалната покана на премиерот, Иса Мустафа, во понеделник да се започне дијалог за спорните договори.